Поуки од косовските избори


ЃОРЃИ СПАСОВ

На изборите во 2017 година во Косово воените лидери (команданти на ОВК – Харадинај, Вејсели и Лимај) се обединија во една предизборна коалиција (ПАНА) и со освоени 33 отсто од гласовите кои им донесоа 39 места во косовскиот парламент и формираа влада.

На тие избори ултралевичарското и популистичко движење Самоопределување на Албин Курти освои нешто повеќе од 200 илјада гласа, односно 27 отсто од гласовите и 32 места во парламентот, но тоа не им беше доволно да добијат можност за формирање влада.

Во опозиција тогаш остана и Демократската алијанса на Косово (ЛДК), која на тие избори освои 185 илјади гласа и 29 пратенички места. По долга неизвесност, Рамуш Харадинај формира влада со 39. пратеници од коалицијата ПАНА, со 20. пратеници од малцинските партии и со двајца пратеници кои излегоа од коалицијата на Демократскиот сојуз на Косово, а кои беа членови на Новата алијанса за Косово на Беџет Пацоли, кој за таа услуга го доби и местото министер за надворешни работи во таа влада.

Владата на Рамуш Харадинај, покрај сите противења на опозицијата, успеа да го ратификува Договорот за ратификација на границата со Црна Гора, со поддршка од претседателот Хашим Тачи водеше преговори со Србија за нормализирање на односите и откако Србија го спречи приемот на Косово во Интерпол, воведе царини од 100 проценти за увоз на стоките од Србија, по што ја изгуби поддршката од пратениците на Српската листа во Собранието и беа прекинати разговорите со Србија.

Односите на партнерите во предизборната коалиција ПАНА од 2017 година во меѓувреме се влошија.

Рамуш Харадинај од позицијата премиер се конфронтираше со Кадри Вејсели како претседател на собранието (кој ја наследи лидерската функција во ПДК од Хашим Тачи), а Беџет Пацоли како министер за надворешни работи беше остро критикуван што на надворешно политички план политиките на Србија и на Русија кон Косово имаа поголем успех од неговата.

Откако Харадинај реши да си поднесе оставка на премиерската функција заради повикот од Меѓународниот суд во Хаг да биде сослушан во врска со настаните од времето на воениот конфликт, беше јасно дека нема услови за состав на нова влада и дека ќе се оди на нови предвремени парламентарни избори.

На овие избори одржани на 6 октомври, лидерите од коалицијата ПАНА излегоа самостојно со своите партии.

Според досега пребројаните 97 отсто од гласовите, при зголемена излезеност на изборите од три отсто во однос на 2017 година, заедно имаат добиено многу поголема поддршка од граѓаните отколку тогаш. На изборите во 2017 година коалицијата ПАНА на Кадри Вејсели, Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај имаше освоено вкупно 245 илјади гласа или 33, 7 отсто.

На овие избори партијата на Вејсели (ПДК) освои 194 илјади гласа или 21 отсто, партијата на Харадинај 90 илјади гласа или 11 отсто и партијата на Лимај, 38 илјади гласа или околу пет отсто.

Заедно партиите од некогашната коалиција ПАНА (сега засилени со земање во нивна коалиција на партијата Нова алијанса за Косово на Пацоли и Социјалдемократската партија на Шпенд Ахмети) на овие избори освоија 322 илјади гласа или 37 отсто од вкупниот број гласови.

Победничката партија на овие избори, опозиционата партија Самоопределување на Албин Курти, која прогласи победа на овие избори и која најверојатно ќе го добие мандатот за состав на нова влада, на изборите во 2017 година освои малку над 200 илјади гласа кои тогаш беа 27 отсто од гласачкото тело и остана во опозиција. На овие избори при зголемена излезеност од три отсто освои исто така 200 илјади гласа, кои сега претставуваат околу 26 отсто од избирачкото тело.

И втората партија, која се смета за победничка на овие избори, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), на Иса Мустафа, на изборите во 2017 година имаше освоено околу 186 илјади гласа. Тогаш таа на избори одеше во коалиција со малата партија на Беџет Пацоли и тоа беа 25 отсто од тогашните гласови.

На овие избори ЛДК освои 194 илјади гласа, кои како и во 2017 година се 25 отсто од вкупниот број гласови.

Партијата Српска листа, која ја поддржува претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на изборите во 2017 година освои 44.578 гласа или 6,12 отсто, а сега освои 49.654 гласа или 6,41 и со тоа добива 10 пратеници во Собранието на Косово.

Оттука, тешко е да се тврди дека во Косово во периодот од последните парламентарни избори во 2017 до денес дошло до суштествена промена на изборното расположение. Но факт е дека опозицијата која остана компактна и која ја задржа својата изборна поддршка од пред две години, во услови на распад на коалицијата на воените команданти, кои беа на власт 12 години, конечно ќе формира влада.

Дали овој распад на коалицијата на воените команданти некој однадвор им го сугерираше за да дојде до мирна промена на власта во Косово, можеби ќе се дознае некогаш. Но сосема е јасно дека во Косово по 12 години му беше потребна промена на власта и влада за која Албин Курти веќе вети дека „ќе стави крај на државниот криминал, корупцијата и непотизмот“, влада која ќе соработува со САД, Германија и другите партнери од Западна Европа, за нормализација на односите со Србија и влада во која ќе биде вклучена кандидатката за премиер на ЛДК, младата професорка Вјоса Османи за да се намалат можните уцени од 10. пратеници на Српската листа.