Потпишан Меморандум за културна соработка меѓу загрепскиот Музеј за уметности и занаети и НГ на Македонија


Вчера во македонскиот КИЦ во Загреб беше потпишан Меморандум за културна соработка меѓу Музејот за уметност и занаети во Загреб и Националната галерија на Република Македонија во Скопјe. Договорот го потпишаа директорот на Музејот во Загреб, Сањин Михелиќ, и директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани и програмскиот раководител и виш кустос Маја Крстевска.
Меморандумот е резултат на воспоставеното партнерство и успешна имплементација на заеднички проекти помеѓу загребскиот Музеј за уметност и занаети и македонскиот КИЦ во Загреб, што дополнително ги зајакнува културните врски меѓу двете земји.
Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, истакна: „Потпишувањето на овој Меморандум претставува важен чекор во зајакнувањето на културната соработка меѓу двете земји. Македонскиот КИЦ во Загреб игра значајна улога во поттикнувањето и продлабочувањето на соработката меѓу македонските и хрватските институции во интерес на промоција и афирмација на културните вредности на двете земји“.
Целта на Меморандумот е зајакнување на меѓународната соработка меѓу двете институции преку презентација и промоција на уметничкото и културното наследство на Република Хрватска и Република Македонија, како и развој на заеднички и индивидуални програми. Ова дополнително ги зајакнува капацитетите на двете институции со посебен акцент на поврзување на нивните богати фондови, од историски колекции до современа уметност и уметнички занаети.

Директорот на Националната галерија на Република Македонија, Али Синани, во оваа пригода истакна: „Верувам дека потпишувањето на овој Меморандум ќе овозможи размена на знаења и искуства и ќе отвори нови можности за вмрежување меѓу македонските и хрватските културни работници и уметници“.
„Особено сме задоволни што оваа година ќе реализираме две изложби во Македонија, со што веднаш ќе ја трансформираме оваа соработка во конкретна и видлива културна програма за публиката во двете земји“, рече директорот на загребскиот Музеј на уметност и занаети, Сањин Михелиќ.
Воспоставената соработка со загребскиот Музеј за уметности и занаети ќе се конкретизира преку низа идни проекти, меѓу кои веќе во октомври и ноември оваа година се издвојуваат две значајни изложби: „Менче Спировска: визуелни фасцинации на Загреб“, во галерискиот простор Мала станица на Националната галерија на Република Македонија во Скопје и „Арсовски – фотографи“ во Музејот на град Скопје. Овие изложби на Музејот за уметности и занаети минатата година беа претставени пред хрватската публика во македонскиот КИЦ во Загреб.
„Оваа иницијатива ја потврдува важноста на меѓународното вмрежување на културните институции и придонесува за развој на поквалитетни и поразновидни културни содржини достапни за пошироката публика“, истакна Маја Крстевска виш кустос и програмски раководител.