Потонувањето на ЕПП

 Црните овци ги има во секоја партија, no се чини дека станаа премногу во ЕПП.


Сите имаат лоши недели, но последните неколку се ужасни за Европската народна партија (ЕПП), дом на многу централно-десничарски политички партии на континентот.

За почеток – најголемото име на партијата, Ангела Меркел конечно ја напушти политичката сцена по 16 години  како канцелар на Германија. Ова може да остави вакуум што германските демохристијани нема да можат да го пополнат со години. Во исто време, една од најголемите надежи на ЕПП и поранешен австриски канцелар, Себастијан Курц, одлучи да се повлече од политиката поради серијата тековни истраги за корупција. Курц има само 35 години. Заминувањето на „мајката“ и на „чудото“ отвора прашања за иднината на политичкото семејство кое долго време има огромно влијание врз политиката и на целиот континент. Што точно тргна наопаку?

Еден од аргументите е дека  партијата беше обземена од прекумерна глад за моќ, а во исто време ги затвораше очите за некои нејзини членови кои видно ја злоупотребувале својата положба. Значи црните овци, што ги има во секоја партија, изгледа станаа премногу во ЕПП.

По долго, долго чекање, врските со унгарскиот премиер Виктор Орбан и со Фидез конечно се прекинати. Сепак, не е јасно уште колку трпение ќе има оваа група кон лидерите преплавени со скандали како Бојко Борисов во Бугарија, Јанез Јанша во Словенија или Маријано Рахој во Шпанија. Исто така, не е јасно како нивните постапки, заедно со она што се случи со Себастијан Курц, на пример, ќе влијаат на имиџот на партијата.

Друг аргумент за потонувањето на ЕПП  е губењето на идентитетот, кое доаѓа во време кога се оживува идентитетската политика. ЕПП не се толку либерални како либералите, не се толку „зелени“ како Зелените, не се конзервативни и антисистемски како десничарските и не се декларираат за социјална држава и надуена администрација  како левиот центар. Во исто време, центристичките социјалдемократски партии, кои до неодамна изгледаа мртви, сега се чини дека повторно се креваат. Но, зошто е воопшто важно она што се случува во ЕПП?

Ако ги прашате службениците кои работат во Брисел, кој всушност го вози возот, тие веројатно ќе одговорат дека тоа е Европскиот совет, каде што земјите-членки се состануваат за да одлучуваат за клучните прашања, или Европската комисија со своите армии експерти, адвокати и бирократи го пишува следниот нов закон. Сепак, многумина ќе одговорат едноставно: ЕПП  е големото политичко семејство, кое ги вклучува сите партии во Европа кои себеси се опишуваат како либерално-конзервативни, пријатели на бизнисот, демохристијани или нешто слично.

Лесно е да се разбере зошто многу луѓе размислуваат на овој начин. Многу од личностите кои се сметаат за татковци на ЕУ, како што се германските канцелари Конрад Аденауер и Хелмут Кол, италијанскиот премиер Алсиде де Гаспери и францускиот државник Роберт Шуман, се демохристијани. Но, не треба да се враќаме толку далеку за да ја видиме доминацијата на ЕПП во Брисел. Последните тројца претседатели на Европската комисија доаѓаат од нивните редови, а истото важи и за двајца од последните тројца претседатели на Европскиот совет. ЕПП е и најголемата партија во Европскиот парламент во последните две децении, иако сега е многу блиску до втората. Кога се одржуваат самити во Брисел, партијата секогаш има сериозно претставување. Некогаш барем половина од лидерите, некогаш малку помалку, но секогаш доволно за да има главна улога во настаните. Не правете грешка, ЕПП ќе продолжи да биде главен играч и во иднина. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, има уште многу да помине, а нејзината сопартијка Роберта Мецола најверојатно ќе биде на чело на Европскиот парламент. Сепак, розовите облаци се повеќе се растураат.

Погледнете го само последниот самит на ЕУ за оваа година. Само 7 од 27 лидери ќе бидат од ЕПП. Повеќето од нив се од мали или средни земји во југоисточниот дел на ЕУ, како што се Хрватска, Кипар, Грција и Словенија. Но, уште поважно, со оставката на Меркел, ниту една од петте најголеми членки – Франција, Германија, Италија, Полска и Шпанија – не е предводена од политички лидер од централнодесничарската партија. И може да остане така подолго време.

Во Германија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) падна во необичната улога на опозициска сила и не најде наследник на Меркел.

„Очигледно сме германската глупава партија во моментов“, ми се пожали еден од нејзините незадоволни членови.

Во Бугарија, по 12 години, ГЕРБ веќе е без власт, а нејзиниот лидер Борисов не е ни пратеник.Во Франција, пак, републиканската кандидатка Валери Пекрес ќе води тешка битка само за да стигне до вториот круг. Во Италија, претставниците на ЕПА од Форца Италија се четврти по поддршка на локалните истражувања. Така, ЕПП, која некогаш изгледаше симбол на сила и покровителство, сега е многу помалку и во однос на двете. Нема да биде чудно исто така ако повеќе нејзини членови ја доживеат  судбината на Фидез и бидат исфрлени. Нивното место може да го пополнат  партии што се  далеку подесно или малку полево. Важно е дека политичката карта на Европа допрва ќе се прецртува. ( Слободна Европа)