Посмртните останки на Душко Чифлиганец ќе бидат изложени утре во црквата ,,Свети Јован Крстител” во Аеродром, изградена од неговото семејство

Посмртните останки на бизнисменот Душко Чифлиганец, извршен потпретседател во Адора Бизнис Груп и Коосновач на Prime Capital by Adora, кој почина во инцидент со мотоцикл во Чешка ќе бидат изложени утре, среда, во 14 часот, во црквата ,,Свети Јован Крстител” во населбата Аеродром до Мостот ,,Близнаци”. Ктитор на црквата е неговиот татко, бизнисменот Ванчо Чифлиганец.
Семејството информира дека опелото за младиот Чифлиганец ќе го служат свештеници на МПЦ-ОА предводени од поглаварот Г.г. Стефан.
Семејството Чифлиганец објавува благодарност до сите граѓани, пријатели, роднини и соработници кои им изразиле сочувство и поддршка во оваа трагедијата.
Душко Чифлиганец, заедно со неговиот татко, познатиот бизнисмен и основач на „Адора“, Ванчо Чифлиганец, и сестрата Драгана, го водеше бизнисот во семејната фирма која е реномирана во градежниот бизнис во земјава, но и во странство, каде што имаат изградено повеќе престижн објекти.
На неговиот профил на Линкедин, Душко, меѓу другото наведува дека како потпретседател во Адора Бизнис Груп, ја спојува неговата експертиза во недвижностите, финансиите и енергетиката за да биде пионер во решенија за развој на бизнисот со напредно размислување.
„Дубаи имаше големо влијание врз мојот личен и професионален раст. Дипломирав економија и бизнис на Американскиот универзитет во Дубаи, а подоцна започнав успешен потфат во индустријата за органска храна и пијалоци. Ова искуство го обликуваше мојот претприемачки начин на размислување – предност што ја носам со себе денес“, вели тој.
Бизнис заедницата во земјава е во шок по трагичната вест. Душко Чифлиганец имаше само 32 години.