Последниве години се раѓаат сѐ повеќе близнаци во светот
Рекорден број близнаци – едно на 40 новороденчиња се раѓаат во последно време, според студијата објавена во научното списание „Хјуман репродакшн“. Во неа се наведени медицински концепти како главен фактор во зголемувањето на бројот близначиња.
Така, сега се раѓаат повеќе од 1,6 милиони близнаци секоја година. Бројот на идентични близнаци, сепак, останува непроменет.
– Релативниот и апсолутниот број близнаци во светот, по средината на 20 век е најголем сега и, веројатно е најголем и во историјата, смета професорот Кристијан Монден од британскиот Универзитет Оксфорд, и еден од авторите на трудот.
Раширеноста на новите медицински технологии кои помагаат во зачнувањето во развиените земји уште од 1970-тите, придонесе за нагорна линија во однос на повеќеплодната бременост. Како што вели трудот, таков е и случајот со фактот дека мајките раѓаат и подоцна, кога е поверојатно да забременат со близнаци.
Употребата на контрацепција, тоа што жените на подоцнежна возраст раѓаат, како и целокупната пониска плодност, исто така, имаат влијание врз зголемувањето на бројот родени близнаци. Научниците собраа податоци од 135 земји во периодот 2010-2015 година, заради истражувачки цели.
Тој број е највисок во Африка. Тоа стручњаците го објаснуваат со разлики во гените меѓу луѓето на тој континент и остатокот од светот.
– Зголемениот број на близнаци во посиромашните делови на светот е загрижувачки поради зголемените опасности при породување. Раѓањето на близнаци е поврзано и со поголема стапка на смртност кај новороденчиња и деца и поголем број компликации кај бремени жени и деца за време на бременоста – за време и по породувањето, вели Монден.
Д-р Џерун Смит смета дека треба да се посвети поголемо внимание на судбината на близнаците родени во сиромашните и земјите со среден приход. – Особено во Субсахарска Африка, многу близнаци ќе ги загубат своите браќа и сестри во првата година од нивниот живот. Тоа се меѓу 200.000 и 300.000 секоја година, според нашето претходно истражување, вели тој.
Научниците велат дека зголемувањето на бројот на близнаци е резултат и на зголемувањето на бројот повеќејајчени бремености во коишто, на пр., истовремено се оплодуваат две јајце-клетки.