Последните недели на Брижит Бардо: Заврши во болница и ја негираше сопствената смрт
Париз – Француската филмска легенда и активистка за права на животните, Брижит Бардо, почина на 92-годишна возраст. Последните години од животот на познатата актерка беа обележани со борба со сериозни здравствени проблеми.
Тешки последни недели
Последните недели од животот на иконската актерка беа исклучително тешки, обележани со престој во приватна клиника и влошување на здравјето. На почетокот на октомври, таа се врати во својот дом во Сен Тропе по мала операција, но дијагнозата никогаш не беше целосно откриена за јавноста. Подоцна, поради влошената состојба, таа повторно беше хоспитализирана во приватната клиника Сен Жан во Тулон.
Минатиот месец, Бардо беше принудена да ги негира гласините за сопствената смрт откако еден француски инфлуенсер објави неточни информации. „Не знам кој е идиотот што ја лансираше оваа лага за мојата смрт, но добро сум и немам намера толку лесно да си одам“, рече таа на социјалните мрежи во тоа време.
Проблеми со дишењето
Претходно страдаше од респираторни проблеми. Во јули 2023 година, за време на топлотен бран во Сен Тропе, во нејзиниот дом пристигнала брза помош. Нејзиниот сопруг Бернар д’Ормал во тоа време рекол: „Околу 9 часот наутро, Брижит имала проблеми со дишењето… не ја изгубила свеста, но било посериозно од вообичаеното. На нејзини години, едноставно повеќе не можела да издржи ваков вид топлина.“
Доживотна борба со депресијата
Во документарецот „Бардо“, објавен оваа година, актерката открила тајна што ја криела целиот свој живот – дури и на врвот на својата слава, се борела со тешка депресија. „Бев на работ да си го одземам животот, а чудо ме спаси“, открила таа, без да даде детали. Признала дека депресијата ја придружувала до самиот крај: „Се будам секое утро и сум тажна.“
Утеха во животните и болни загуби
Бардо секогаш нагласувала дека наоѓа утеха во животните и во борбата за нивните права. „Не ми е гајле дали луѓето ме паметат. Она што го сакам е да се сетат на почитта што им ја должиме на животните. Колку што стареам, толку повеќе се плашам од луѓето. Јас сум повеќе животно отколку човек“, рече таа еднаш.
Последните неколку месеци беа обележани и со голема тага. На почетокот на годината, таа загуби две блиски личности: нејзиниот долгогодишен пријател Кристијан Бринкур и нејзиниот поранешен сопруг Жак Шарие, татко на нејзиниот син Никола.