Последиците од корона вирусот нема да ја поштедат ниту македонската економија


Ширењето на корона вирусот може да ѝ зададе тежок удар на светската економија, а во тој случај од последиците тешко дека ќе остане имуно и македонското стопанство, предупредуваат економистите. Најчувствителни се глобалните синџири на снабдување, во кои се вклучени и дел од домашните компании, пред се оние во слободните економски зони, потоа транспортот, туризмот и многу други стопански гранки. Доколку ескалира кризата поврзана со опасниот вирус, први на удар може да се најдат некои од компаниите кои увезуваат електронски компоненти од кинескиот пазар, или кои извезуваат делови кои се користат во автомобилската индустрија, поради намалената побарувачка за автомобили во Кина. Ако пак, се „инфицира“ целата светска економија, тогаш, посредно, тоа неминовно ќе се пренесе и врз македонските извозници во целина.

Колку се поврзани производителите зборува и информацијата која деновиве ја пренесоа светските агенции, дека производството на автомобилите „фиат“ во Србија ќе биде прекинато на неколку недели поради недостиг на компоненти (станува збор за аудио системи и други електронски делови што се набавуваат од Кина). Тоа им се заканува и на многу други големи светски производители, особено на мобилни телефони и електронски уреди.

Кина е најголем трговски партнер на Македонија надвор од Европа. Според статистичките податоци вкупната размена со втората по големина светска економија лани изнесувала над 711 милиони американски долари, за 20,8 отсто или за 123 милиони долари повеќе од претходната 2018 година. Притоа, лани од Кина биле увезени производи во вредност од 544,8 милиони долари, а истовремено вредноста на извозот достигнала 166,1 милиони долари.

Во последните пет години вкупната размена со Кина надминала 2,8 милијарди долари, при увозот изнесувал 2,34 милијарди долари, а извозот 487,9 милиони долари.

Кина лани била наш седми по големина надворешнотрговски партнер, зад неприкосновената Германија, Велика Британија, Грција, Србија, Италија и Бугарија, но пред традиционално економски блиската Турција. Во структурата на извозот од македонска страна доминираат мермерот, травертинот и друг варовнички камен, фероникелот, виното, разни видови електрични апарати, рачни часовници , возила за специјална намена, делови и прибор за моторни возила и други електрични спроводници.

Од Кина, пак, најмногу увезуваме телефонски апарати, вклучувајќи и телефони за целуларни мрежи, телевизори, машини за климатизација, ткаенини со 85 проценти памук или повеќе, производи од железо или нелегиран челик и тн.

Туризмот како гранка веќе е сериозно погоден во светски рамки како последица на епидемијата на корона вирусот. Многу авиокомпании ги прекинаа летовите до и од Кина, се откажуваат туристичките аранжмани, а тоа значи и помалку кинески туристи во Европа и во светот. Многу е погодена и трговијата со луксузни производи, бидејќи Кинезите традиционално не штедат пари во таквите продавници.

Македонија не е значајна дестинација за кинеските туристи и тие претежно ја посетуваат земјата како дел од регионалните тури. Сепак, нивниот број од година во година се зголемува. Така, според статистичките податоци во 2018 година земјава ја посетиле 13.724 Кинези кои оствариле 17.442 ноќевања. Во однос на 2014 година нивниот број е три пати поголем.

Поради строгите мерки кои ги презедоа кинеските власти во обид да се сузбие опасниот вирус, многу Кинези не се во состојба да стигнат до своите работни места, па голем број фабрики работат со значително помал капацитет. Кинеските производи буквално го имаат преплавено глобалниот пазар, па затоа често за оваа земја се користи и епитетот „фабриката на светот“. Сега ваквата доминација од една страна и зависноста кај земјите увозници се заканува да предизвика сериозни економски последици. Многу компании се обидуваат да најдат замена за испораките кои ги очекуваат од Кина, но поради карактерот на производството тоа често оди тешко, некогаш дури е невозможно. Од друга страна, Кина е најзначајниот пазар во светот за автомобилската индустрија. Според последните податоци, таму продажбата на автомобили во јануари била за околу 20 отсто помала, а како што се предвидува февруари најверојатно ќе биде уште полош. Ако се има во предвид дека и пред појавата на вирусот корона, трендот на продажбата на автомобили во Кина беше надолен, тогаш тоа како последица ќе значи помали испораки за делови од компаниите што ги произведуваат.

Во почетокот на годинава, како што објавија некои портали, од кинеската амбасада во земјава најавија дека Кина сака на економски план да ја прошири соработката во трговијата, инвестициите, енергетиката, земјоделството и туризмот и дека годинава ќе биде важна за остварување на таквите заложби. Кинески компании се присутни во Македонија и на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, кој привремено беше стопиран поради пропусти во проектот направени од наша страна. Изградбата на овој автопат почна пред повеќе од пет години и првично требаше да чини 411 милиони долари. За продолжување на изградбата Македонија дополнително се задолжи кај кинеската ЕКСИМ банка за 180 милиони долари.

Кина е активна во регионот и преку иницијативата „16 + 1“ во која покрај Кина се вклучени и земјите од Централна и Источна Европа и главно е насочена кон инфраструктурни проекти и кон инвестиции во енергетиката.

Во обид да им помогне на компаниите да ги пребродат нарушувањата предизвикани од корона вирусот, кинеските власти издадоа обврзници во вредност од околу 15,7 милијарди американски долари, јавија светските медиуми. Сертификатите, кои ги издаде Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија, ги ослободуваат компаниите од одредени договорни обврски доколку можат да докажат дека корона вирусот ги попречува нивните активности.

Медиумите во светот ја пренесуваат процената на лондонски Капитал економикс, според која како последица на епидемијата со корона вирусот во првиот квартал оваа година, глобалната економија ќе забележи намалување, за прв пат од големата финансиската криза во 2009 година. (М.Ј.)