Последици од пожарот во Атика: Најмалку 78 домови се класифицирани како несоодветни за користење


По големиот пожар што во изминатите денови го зафати североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, тимови од Генералниот секретаријат за санација на штетите од елементарни непогоди на Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, од вторникот вршат евиденција и процени на штетите, а досега, 78 домови се класифицирани како несоодветни или привремено несоодветни за користење, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција соопштија дека тимовите извршиле проверки во осум општини на Атика и веќе опфатија поголем дел од областите погодени од пожарите.

Во осумте општини биле проверени 130 објекти, од кои 112 куќи, 13 магацини, два јавни објекти и три деловни простории.