Поскапе струјата за третиот и четвртиот блок, првиот поевини, по 200 денари за пристап на мрежа

Цената за првиот блок е помала за 5,16 отсто, вториот блок и евтината тарифа остануваат исти, во третиот блок се зголемува за 2,88 отсто и за четвртиот за 1,86 отсто


 

Оние кои што штедат електрична енергија од Нова година ќе добијат „бонус“ со поевтинување на цената на електричната енергија за првиот блок, кој е за потрошувачка до 210 киловат часови месечно. Оние, пак, кои  трошат најмногу, од 631 киловатчас месечно или повеќе, ќе треба дополнително да го одврзат ќесето, бидејќи за нив Регулаторната комисија за енергетика ги зголеми цените. Вториот блок и евтината тарифа не претрпеа промени. Дополнително, сите домаќинства од 1 јануари ќе треба да плаќаат и по 200 денари за пристап на мрежа, што како ставка се воведува за прв пат, но за возврат, се намалува износот за мрежарина. 

„Цената за електричната енергија за првиот блок се намалува за 5,16 проценти, вториот блок и евтината тарифа остануваат исти, цената на струјата опфатена со третиот блок се зголемува за 2,88 отсто и четвртиот блок се зголемува за 1,86 проценти“, соопшти денес на прес конференција Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Надоместокот за пристап на мрежа е 200 денари. Оваа цената е збир од цена за енергија плус мрежарината која што заради воведување на пристапот кон мрежа се намали за 23 проценти, додаде Бислимоски.

Цените ќе се применуваат од 1 јануари 2024 година.

Тој рече дека доколку не бил воведен новиот концепт за пристап на мрежа, каде што во рамките на одобрениот регулиран максимален приход се воведува дополнителен начин како да се пресметува електричната енергија, се со цел сметките да бидат потранспарентни, цената во првиот блок би се зголемила за 3,4 проценти, во вториот за 8,62 отсто, во третиот 9,46 проценти во четвртиот за 4,92 проценти, а ќе поскапеше и евтината тарифа за 15,42 проценти, посочи Бислимоски.

„Во моментите кога го имплементиравме надоместокот за пристап кон мрежа се водевме пред сѐ на една од најбитните темелни вредности на нашиот устав, а тоа е социјалната правда. Со воведувањето на пристап кон мрежа се овозможие цената за мрежарина да се намали за 23 проценти“, нагласи Бислимоски.

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика се осврна и на дебатите кои  што се водеа во јавноста околу цената на електричната енергија, ставајќи посебен акцент на ставовите на експертите.

„Денеска покажавме што значи надоместокот за пристап на мрежа. Тоа доведе до намалување на цената во првиот блок, цената на евтината тарифа да остане иста, како и цената во вториот блок. Дополнително,  кај 80 отсто од домаќинствата веќе функционира евтината дневна тарифа од 13 до 15 часот“, рече Бислимоски.

Тој рече дека и натаму се отворени за соработка и дебата со сите експерти, но таа да се заснова на факти.

„Во изминатите три години се водеа голем број дебати, јавноста се заплашуваше дека цената ќе се зголеми 100-200 проценти дека ќе има рестрикции, дека ќе нема струја. Единствен одговор во целиот овој период беше само вистината. До сега ниту еднаш не отстапивме од тоа што го ветивме дека ќе го применуваме. Пред се мислиме за стандардот за граѓаните, така ќе работиме и понатаму“, рече Бислимоски додавајќи дека трет пат по ред се намалува цената на електричната енергија во првиот блок и се воведе евтина дневна тарифа.

Инаку, ова е прв пат да се примени новиот модел за одредување на цената на струјата, согласно Законот за енергетика, при што процедурата е сменета, иако, како што велат од РКЕ, суштината е иста.

Бислимоски рече дека изминатите денови РКЕ била во интензивна комуникација со универзалниот снабдувач, имајќи во предвид дека се применува новиот Закон за енергетика и врз основа на нивни доставени материјали и забелешки од страна на РКЕ, беа објавени цените за електричната енергија за домаќинствата.

Бислимоски рече дека Со ЕВН неколку пати одржале состаноци на кои ЕВН барал да се примени поголем дел од факторот корекција, кој што треба да се врати во наредниот период.

„Ние инсистиравме, имајќи во предвид дека сега има тендер за универзален снабдувач, во оваа одлука тој фактор на корекција да биде нула. На крајот, концептот според кој РКЕ треба да врши контрола во однос на носењето на одлуката на ЕВН хоум се покажа како правилен“, рече Бислимоски.

Блоковите во високата потрошувачка, кога периодот на отчитување е 30 дена, се:

Блок 1: од 0 квч до 210 квч

Блок 2: oд 211 квч до 630 квч

Блок 3: од 631 квч до 1.050 квч

Блок 4: од 1.051 квч па нагоре

Пример: ако еден потрошувач потрошил 700 квч во висока тарифа, тие ќе бидат поделени на следниот начин:
Блок 1 (0 – 210): 210 квч

Блок 2 (211 – 630): 420 квч

Блок 3 (631 – 1050): 70 квч

Потрошената енергија од секој блок се множи по соодветната цена што важи за тој блок и така се добива вкупниот надомест за потрошена енергија.