Посетете ја „Бостание“ – првата урбана градина во Скопје


Првата урбана градина во Скопје, сместена во паркот во Ново Лисиче, од денеска ги отвора вратите за посетители. Градината „Бостание“ е работена согласно со проектот на здружението на граѓани „Зелена арка“, реализиран со финансиска поддршка на Град Скопје, а во соработка со Општина Аеродром, ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, Градежниот институт и повеќе општествено одговорни компании.

Овој проект претставува уште еден придонес кон остварувањето на концептот за отпорен град, односно приспособување кон климатските промени и зајакнување на урбаната отпорност на Скопје. За реализација на овој проект предвидени се два милиони денари финансиска поддршка од Буџетот на Град Скопје.

Урбаното градинарство кое зема се поголем замав во градовите низ светот има за цел дружење и зближување на граѓаните преку претворање на јавните површини во градини, односно во оази за производство на здрава храна преку споделување на искуствата и одговорностите. Одржливоста на урбаните градини е заснована на примена на дизајн на самиот терен, при што се земаат предвид сите елементи како што се: микроклимата, геологијата на теренот, искуствата на заедницата во одгледувањето на различните градинарски култури, снабдувањето со вода, електрична енергија, пристапни патишта и друго.

Успешната изведба и одржување на првата урбана градина преку заедничкото делување на локалната самоуправа и граѓаните ќе биде поттик за граѓански иницијативи за уредување вакви урбани градини и на други погодни локации во Скопје. На тој начин, покрај поголемото учество на граѓаните во креирањето на поотпорна и поздрава животна средина и соработката со локалната власт, како и преку личната и споделената одговорност за одржување на градините и поголемото чувство за припадност кон заедницата, ќе се обезбедат поголем број на микроклиматски оази кои ќе ги задоволат рекреативните или едукативните потреби на скопјани.

Значајно е да се нагласи дека е обезбедена и практична обука за одржливо градинарство на учесниците на заедницата, граѓани-градинари, од страна на стручен кадар од таа област.