Португалија вакцинираше 85 отсто од населението


Португалија ја постигна својата цел и вакцинираше 85 проценти од населението против Ковид-19 и ќе започне да ја администрира третата доза на вакцина за лица постари од 65 години, објави во петокот Генералната здравствена управа (ДГС).

„Вакцинацијата е недвосмислен успех, ние постигнавме целосна покриеност со вакцинирање на околу 85 проценти од населението, бидејќи Португалците го прифатија процесот“, рече службеничката на ДГС, Граса Фреиташ.

„Од следната недела ќе започнеме со вакцинација на лица над 65 години со трета доза“, додаде таа на прес-конференцијата.

„Предност ќе имаат луѓето над 80-годишна возраст и корисниците на домови за стари лица“, објасни Фреиташ, прецизирајќи дека сите лица кои ја примиле втората доза пред повеќе од шест месеци можат да ја добијат третата доза.

Европскиот регулатор во понеделникот ја одобри примената на третата доза на вакцината „Фајзер“ за постари од 18 години, бидејќи се плаши дека заштитата од Ковид-19 може да падне откако ќе помине одредено време од втората доза.

Петнаесет земји во светот започнаа со примена на третата доза за најзагрозените. Некои земји од ЕУ, како Франција, Италија и Германија, не чекаа зелено светло од европските власти, пред зимското засилување на епидемијата.

Според националните податоци, собрани од агенцијата Франс прес, Португалија го дели првото место во светот со ОАЕ во однос на целосната стапка на вакцинација од 84,8 проценти, пред Шпанија (78 проценти) и Сингапур (77 проценти).

„Тоа е одличен резултат“, рече во петокот во Лисабон, Жозе Мануел Баросо, претседател на Сојузот за вакцинација.

Бидејќи беше меѓу првите европски земји погодени од многу заразна варијанта на делта, Португалија ја забрза кампањата за вакцинација поради четвртиот бран на Ковид-19.