Поради високо ниво на пестициди земји oд ЕУ вратиле назад во Албанија пратки со мандарини
Европскиот систем за безбедност на храната го вклучи алармот за испораките со мандарини кои доаѓаат од Албанија, објави „Топ чанел“.
Според истиот извор во последните неколку недели Хрватска, Чешка, Италија и Литванија, „земји кои увезуваа овошје од нашата земја, по направените анализи го отфрлија албанското производство од нивните граници”.
-Мандарините содржат остатоци од неколку супстанции опасни по здравјето на луѓето и се забранети за продажба во ЕУ. Поточно, станува збор за високо присуство од хлорпирифос и фосмет пестициди, кои како несакани ефекти имаат влијание врз развојот на мозокот кај децата, нарушувања на нервниот и ендокриниот систем, како и зголемен ризик од срцеви заболувања и рак, додава телевизијата.
Анализите потврдиле дека остатоците од пестициди во мандарините е од три до 12 пати повисоки од дозволеното со европските регулативи, променети од септември минатата година.
– И покрај тоа што известувањето од Европската комисија е доставено на 29 ноември и 11 декември годинава, нема официјално соопштение од Министерството за земјоделство и од институциите за контрола на храната во земјава за безбедноста или повлекувањето на овие производи од пазарот, наведува „Топ чанел“.
Албански мандарини, маслинки и друго на големо завршуваат на пазарите во соседните земји, посебно во пограничните подрачја во Косово и Северна Македонија.