Поради шверц на цигари и тутун губиме 6,24 милиони евра


Даночните приходи на земјите од Западен Балкан се покуси за 306,7 милиони евра поради илегалната трговија на тутунски производи, додека шверцерите и нелегалните дилери на тутун остваруваат профит од околу 200 милиони евра (0,5 отсто од регионалниот БДП) покажува истражувањето спроведено од Економскиот институт во Загреб под наслов „Илегална трговија со тутунски производи: искуство на граѓаните и ставови за криумчарење на балканската рута“.
Според истражувањето приходот кој го остваруваат шверцерите на тутун е најмал во Словенија (0,01 од БДП), во Хрватска (0,06 отсто) до највисоко во Црна Гора (0,52 отсто), во Босна и Херцеговина е најголем уделот во БДП.
Се проценува дека Македонија поради неплатен данок од илегалната трговија на тутун, губи 6,24 милиони евра или 0,1 отсто од БДП, во Босна и Херцеговина тој износ е 137,6 милиони евра ( 0,9 отсто од БДП), во Црна Гора 23,28 милиони евра (0,6 отсто од БДП), во Хрватска 120 милиони евра (0,2 отсто од БДП), во Србија 67,43 милиони евра (0,2 отсто од БДП) и Косово 15,82 милиони евра (0,2 отсто од БДП ) и Словенија 23,95 милиони евра или 0,1 отсто од БДП.

Според наодите на истражувањето 11 отсто од пушачите од седумте анализирани земји купуваат тутунски производи на „сивиот пазар“. Најмалку во Словенија 3,3 отсто, а најмногу во Црна Гора 27,9 отсто. Во земјава 3,8 отсто од пушачите се снабдуваат на „сивиот пазар“ со цигари, додека процентот на пушачи кои на ваков начин се снабдуваат со тутунски производи во Косово е 6,5 отсто, во Србија 6,5 отсто, во Хтватска 7,6 отсто и во Босна и Херцеговина 20, 3 отсто.
Секој втор пушач вели дека купува на „сивиот пазар“ заради пониските цени и се снабдуваат најмногу на домашниот пазар. Две третини од анкетираните изјавиле дека ќе престанат со недозволена набавка на цигари во ситуација на пораст на животниот стандард.
Регионалниот просек на купување на цигари на „сивиот пазар“ е 57 отсто, додека просечно 50 отсто од купувањето на режан тутун е исто така на „сивиот пазар“.
Режаниот тутун во земјава и во Хрватска сочинува 89 односно 98 отсто од „сивиот пазар“. Граѓаните во двете земји изјавиле дека на ваков начин тие ги заменуваат легално набавените цигари.
Околу две третини од граѓаните во земјава и од Косово мислат дека многу лесно да се купат цигари на „сивиот пазар“, додека половина од прашаните во Словенијa и Србија рекле дека вложиле поголем труд околу тоа.
Истражувањето Економскиот институт во Загреб го спроведе во период од две години (2017- 2019 година) во седум земји од Западен Балкан ( Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија) каде што анкетира 21.000 испитаници.