Поради бојкот, продажбата на мало во Хрватска е буквално преполовена
Хрватската даночна управа ги објави податоците за фискалниот промет во текот на вчерашниот ден, кога имаше бојкот на продавниците во оваа земја, како чин на изразување незадоволство од високите цени.
Како што соопштија, вчера вкупниот број на фискални фактури во сите сектори изнесува 5,09 милиони фактури, додека вкупниот износ на фактури изнесува 78,37 милиони евра. За споредба, минатиот петок, на 17 јануари, вкупниот број на фактури беше 7,19 милиони додека вкупниот износ на фактурите беше 121,89 милиони евра.
Според тоа, вчерашниот број на фактури во однос на минатиот петок е помал за 29 отсто, додека износот на фактурите е помал за 36 отсто.
Што се однесува до трговијата на мало, вчера вкупниот број на фактури изнесуваше 2,08 милиони додека вкупниот износ на фактури 28,6 милиони евра. За споредба, минатиот петок вкупниот број на фактури бил 3,69 милиони додека вкупниот износ на фактурите бил 60,56 милиони евра.
Според тоа, вчерашниот број на фактури за малопродажба во однос на минатиот петок е помал за 44 отсто, додека вкупниот износ на фактури е помал за 53 отсто.
Европскиот центар за извонредност на потрошувачите (ECIP), кој е здружение за заштита на потрошувачите, повика на бојкот на продавниците во Хрватска преку социјалните мрежи, пред се на Фејсбук страницата „Здраво, инспекторе“. Ова здружение не очекуваше толку голем одзив на бојкотот, кој го поддржаа и синдикалците.
Граѓаните се свесни дека овој чин нема веднаш да промени ништо, но дека ќе испрати порака до надлежните дека нешто не е во ред и дека мора да се промени. Сепак, некои застапници на бојкотот веруваат дека тоа може да биде чин на брза промена, наведувајќи ги како пример бојкотите во Турција, Италија и Обединетото Кралство.
Владата уверува дека ја разбрала пораката на граѓаните и најави дополнителни антиинфлациски мерки. Во меѓувреме, во Хрватска се споменува можноста за обновен бојкот.
Дури и денешните податоци до 11 часот, што ги објавија властите зборуваат дека бројот на сметки е намален за 15 отсто, а вредноста за 20 отсто, во однос на минатата сабота.