Попов предложи формирање посебно Министерство за високо образование и наука
Развојот на современите општества е нераскинливо поврзан со научната мисла, а слабата научноистражувачка дејност е показател за цивилизациски дефицит, оцени претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, во експозето на Годишното собрание на Академијата, истакнувајќи ја потребата од системски реформи во научниот и образовниот сектор.
Според Попов, науката и иновациите имаат суштинска улога во технолошкиот развој, конкурентноста и вклучувањето на државата во глобалните научни текови. Тој нагласи дека високото образование е клучно за создавање кадар кој е креативен, критички ориентиран и способен да биде двигател на општествениот развој.
Оцени дека придонесот на земјата кон современите научни достигнувања не е на соодветно ниво и дека е неопходно системско зајакнување на научноистражувачката инфраструктура.
– Потребни се коренити реформи, а нивното спроведување мора да се третира како стратегиски приоритет на државата, порача Попов.
Во своето излагање тој предложи формирање на посебно Министерство за високо образование и наука, усвојување современа законска рамка и воспоставување стабилно институционално финансирање на универзитетските и научните активности. Истовремено, апелираше за поскоро донесување на измените на Законот за МАНУ, за што, според него, Академијата чека предолго.
Како клучни мерки ги наведе намалувањето на бирократските процедури, јасни критериуми за академско напредување, стимулирање на извонредноста, формирање фонд за поддршка на научни проекти, грижа за студентската популација и задржување на младиот академски кадар.
Попов нагласи дека партизацијата на државните институции и нецелосното функционирање на правосудниот систем продолжуваат да претставуваат клучни пречки за напредокот на државата во евроинтеграциите.
-Слободно може да констатираме дека во нашето општество сѐ уште е присутна јавната генерална партизација на администрација, но и во другите државни институции кои треба да бидат независни и за жал, ваквата ситуација ќе потрае, истакна претседателот на МАНУ.
Тој предупреди дека со ваквите слабости, земјата ќе се соочи со тешкотии во процесот на преговори со Европската Унија и укажа дека партизацијата има директни последици и врз правосудниот систем.
– Вистина е дека се направени повеќе квалитетни реформи во правосудството со добри решенија, но тие имаат слаба имплементација, истакна Попов.
Посебно се осврна на работата на Судскиот совет и Академијата за судии и обвинители.
– Судскиот совет во неговото досегашно дејствување не се покажа доволно силен, убедлив и компетентен да ги наметне своите одлуки, рече првиот ќовек на МАНУ, изразувајќи очекување дека новиот закон ќе ја подобри состојбата. Дополнително, нагласи дека членовите мора да бидат од редот на најискусните и најеминентни правници во државата.
Во однос на здравствениот систем, рече дека државата се соочува со сериозни предизвици кои произлегуваат од партизацијата на институциите, несоодветната организација на универзитетското медицинско образование и фрагментацијата на Клиничкиот центар.
– Здравствениот систем, исто така, не го одмина генералната партизација на јавните установи, како и појавата на се посилниот приватен сектор и неговото асиметрично учество во неговото функционирање, истакна Попов, предупредувајќи дека последиците од оваа состојба се долгoroчни.
Како сериозен проблем тој го посочи неконтролираното отворање нови медицински факултети.
– Формирањето на уште два факултета, а сега на повидок е и четвртиот медицински факултет со што се разводнува и девалвира квалитетот на наставата и науката, бидејќи, според СЗО, на два милиона население следува еден медицински факултет, рече Попов.
Осврнувајќи се на управувањето со здравствените установи, тој рече дека оспоставената пракса на повеќегодишното раководење од страна на поставени в.д. директори треба да се прекине, предупредувајќи дека таквата практика води кон неефикасно раководење.
Академик Попов во завршниот дел од своето експозе пред академската јавност укажа дека постои основа за компромис и подобрување на односите со соседите преку културна и научна соработка, инфраструктурно поврзување и интензивен дијалог на сите нивоа. Оцени дека државата има „одличен предлог со предвидено одложено дејство, што претставува солидна основа за компромис“ во однос на спорот со соседите.
Во продолжение на своето обраќање Попов се осврна и на работата и идните приоритети на МАНУ. Најави продолжување на активната работа на раководството во насока на зајакнување на институцијата.