Полски пратеник уапсен откако со лисици на раце се откажа од имунитетот


Полската Агенција за внатрешна безбедност (ABW) го приведе пратеникот Дариуш Матецки Од Партијата за право и правда (ПиС), откако тој се откажа од пратеничкиот имунитет, додека обвинителите ги истражуваат обвинувањата за корупција и злоупотреба на власта против повеќе функционери на ПиС.
 
Полскиот пратеник Дариуш Матецки (ПиС) го шокираше парламентот со ставањето лисици додека се откажуваше  од својот имунитет. Следниот ден тој беше приведен од Агенцијата за внатрешна безбедност (ABW) и се соочува со обвиненија за шест кривични дела. Ова уследи откако полскиот парламент (Сејм) го укина имунитетот на неколку други пратеници на ПиС, вклучително и лидерот на партијата Јарослав Качињски и поранешниот министер за одбрана Мариуш Блашчак, кои се соочуваат со обвинувања за злоупотреба на својата моќ со декласификација на тајни воени документи кои ја прикажуваат одбранбената стратегија на Полска.
 
Матецки за време на драматичен говор во парламентот, тој си стави лисици на рацете, тврдејќи дека е жртва на „политичка егзекуција“. Тој, исто така, се обрати во парламентот на англиски јазик, повикувајќи го „слободниот свет“ и ја обвини владата на премиерот Доналд Туск за уништување на демократијата со поддршка на САД, Германија и фондациите поврзани со Сорос. Тој ја спореди својата ситуација со онаа на Доналд Трамп и Виктор Орбан.

 

Обвинителите го сомничат Матецки за шест кривични дела поврзани со лошо управување со јавните средства, вклучувајќи го и Фондот за правда и неговата работа во полската Агенција за државни шуми. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до 10 години. Властите го оправдаа неговото апсење наведувајќи загриженост дека тој може да ја попречи истрагата.

Полскиот министер за правда Адам Боднар го нарече апсењето на Матецки „ситуација на преседан“, нагласувајќи дека одобрението од парламентот го прави природен чекор во правниот процес. Тој додаде дека поранешниот министер Блашчак сега ќе се соочи со испрашување и формални обвиненија, процес кој обично трае неколку недели по одобрувањето од парламентот.