Полска министерка предлага воведување „такса за влез во ЕУ“ како извор на нови приходи за блокот


Полската министерка за развојни фондови и регионална политика Катаржина Пелчињска-Налеч се заложи за изнаоѓање „нови извори за финансирање на ЕУ“, кои би можеле да вклучат и воведување на дигитален данок или „такса за влез“ во блокот. 

– САД и Велика Британија воведуваат такви давачки, па зошто да не се разгледа воведување такса за влез во ЕУ? Ова може да генерира дополнителни заеднички средства, рече Пелчињска-Налеч, чија земја е актуелен претседавач со Унијата. 

Според неа, ова би бил „реален пристап“ имајќи ги предвид финансиските ограничувања на блокот и ваквите дополнителни приходи би се искористиле за поголемо финансирање на инвестициите. 

Пелчињска-Налеч смета и дека на ЕУ и е потребна „сеопфатна инвестициска политика“ за да може да обезбеди средства за нови инвестиции, поради што би требало да создаде нов механизам, случен на Планот за закрепнување на Унијата, преку кои би се утврдиле инвестициските приоритети и правила. 

Според извори во Европската комисија, на Унијата и е потребно изнаоѓање нови извори на буџетски средства или зголемување на придонесите од страна на земјите членки. 

На ниво на ЕК, за механизмите за финансирање на ЕУ е задолжен сонародникот на Пелчињска-Налеч, еврокомесарот за буџет, борба против измамите и јавна администрација Пјотр Серафин. 

Воведувањето на такса во висина од 7 евра за граѓаните на трети земји при влез во Унијата, првично беше најавено уште за во ноември 2023 година, но стапувањето во сила на оваа мерка беше одложувано во неколку наврати. Според последните најави, ваква такса би можела да биде воведена во текот на претстојното лето, но засега нема сигурна потврда за тоа.