Политико: Шесте најголеми предизвици за вториот мандат на Фон дер Лајен


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, до крајот на својот мандат ќе се соочи со шест клучни предизвици, кои ќе го обликуваат нејзиното политичко наследство: зачувувањето на европската индустрија, одбраната на правилата на ЕУ од притисокот на САД, спроведувањето на Зелениот договор во услови на климатска криза, зајакнувањето на одбраната и поддршката за Украина, процесот на проширување на Унијата и обезбедувањето финансиски средства за сите овие цели преку новиот буџет – пишува бриселскиот портал „Политико“.

Фон дер Лајен има уште три години до истекот на својот втор петгодишен мандат на чело на Европската комисија (ЕК) за да го зацврсти своето наследство, што, според анализата на „Политико“, нема да биде воопшто лесна задача.

Кога станува збор за проширувањето на Унијата и за приближувањето на Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан кон членството, „Политико“ наведува дека претседателката на ЕК ќе мора да покаже дека пристапувањето е веродостоен процес пред кандидатите да го загубат трпението и да побараат сојузништва на друго место. Последната земја што влезе во ЕУ беше Хрватска во 2013 година.

Досегашниот мандат на Фон дер Лајен го одбележа управувањето со кризи – од пандемијата на ковид-19, војната во Украина и скокот на цените на енергијата, до војната во Газа.

Во наредните години, пишува порталот, предизвиците веројатно и натаму ќе се натрупуваат, вклучително и конкуренцијата од САД и Кина, како и претстојните избори во Франција, Шпанија, Италија и Полска, кои би можеле да ја преобликуваат ЕУ.

Фон дер Лајен во својот говор за состојбата на ЕУ, закажан за 16 септември, ќе го претстави планот за преостанатите години од мандатот, по што ќе мора да го спроведе во практика.

„Политико“ издвојува шест „потенцијални главоболки“ кои најверојатно ќе го дефинираат преостанатото време на фон дер Лајен на чело на ЕК.

Првиот предизвик е запирањето на економскиот пад на Европа.

Поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, во својот извештај за европската конкурентност изработен по барање на Фон дер Лајен, наведе дека Европа мора да инвестира дополнителни 800 милијарди евра годишно за да ги зголеми продуктивноста и растот бидејќи, во спротивно, дополнително ќе заостанува зад САД и Кина.

Фон дер Лајен вети дека предупредувањето на Драги ќе го претвори во индустриска стратегија, но пречките се големи, наведува „Политико“, додавајќи дека европските компании се соочуваат со високи цени на енергијата, фрагментиран пазар на капитал, сложена регулатива и сè посилна конкуренција од странство.

Порталот укажува и на високата цена на зависноста на европските компании од кинеските пазари и синџири на снабдување, како и на притисокот од кинеските производители на електрични возила, батерии, соларни панели и челик врз европските конкуренти.

Статусот кво во односите меѓу ЕУ и Кина повеќе не може да опстои, а главната дилема за претседателката на ЕК е како да го одржи кинескиот пазар отворен, а истовремено да спречи прекумерните производствени капацитети да ја урнат индустријата на ЕУ.

„Тоа е деликатна рамнотежа. Премногу конфронтација би можела да поттикне штетна трговска војна, а премалку би можела да ја остави Европа без одржлива индустриска база“, наведува „Политико“.

Одбраната на правилата на ЕУ од претседателот на САД, Доналд Трамп, е вториот предизвик со кој се соочува Фон дер Лајен.

„Може ли Фон дер Лајен да ги ограничи големите технолошки компании, а секоја европска одлука за конкуренцијата, податоците, дигиталниот суверенитет или заштитата на децата на интернет да не прерасне во трансатлантска конфронтација?“, пишува „Политико“.

Се додава дека Законот за дигитални пазари и Законот за дигитални услуги се во фаза на спроведување, а казните што ЕУ им ги изрече на компаниите „Епл“, „Мета“ и „Гугл“ веќе го разгневија Вашингтон.

Трамп дополнително би можел да биде испровоциран од планот на претседателката на ЕК за ограничување на користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 13 години.

Уште еден предизвик ќе биде спроведувањето на Зелениот договор, кој беше клучен проект во нејзиниот прв мандат. Но, поради зајакнувањето на десничарските сили ширум ЕУ и растечкото незадоволство оти зелените прописи дополнително ја оптоваруваат европската индустрија, Фон дер Лајен сега е принудена да укинува политики што самата ги донесе.

Додека Европа се соочува со екстремни топлотни бранови, пожари и продлабочување на климатската криза, земјоделците протестираат, а индустријата и владите бараат поедноставување на прописите.

„Ако Фон дер Лајен премногу го ослаби Зелениот договор, ризикува да го загуби кредибилитетот кај граѓаните и коалициските партнери. Ако инсистира на амбициозни правила, би можела да предизвика посилни политички реакции“, наведува порталот.

Четвртиот предизвик е одбраната на Европа и Украина, изградбата на независна одбранбена индустрија и обезбедувањето финансиска и воена поддршка за Украина, како и веродостојни долгорочни безбедносни гаранции.

Иако ЕУ ги зголемува издвојувањата за одбраната, поддржува заеднички набавки и проширување на индустриските капацитети, земјите членки и натаму не се согласуваат околу тоа колку и како треба да се трошат средствата.

Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, „Политико“ наведува дека политичката поддршка за процесот не е исто што и подготвеноста за прием на нови членки.

Земјите кандидатки и натаму мора да ги завршат тешките реформи во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и независноста на судството, додека земјите членки на ЕУ се загрижени за трошоците од проширувањето, идните потреби за финансирање и функционирањето на институциите со повеќе од 30 членки.

„Фон дер Лајен мора да покаже дека пристапувањето и натаму е веродостоен процес, а не ветување што постојано се одложува, пред земјите што чекаат пред вратите на ЕУ да го загубат трпението и да побараат сојузништва на другата страна“, пишува бриселскиот портал.

На крајот, тоа кои од овие „главоболки“ Фон дер Лајен навистина ќе може да ги „лекува“ ќе зависи од следниот долгорочен буџет на ЕУ.

Комисијата предложи речиси 2.000 милијарди евра за периодот од 2028 до 2034 година, но некои земји членки, меѓу кои Германија, Шведска, Данска и Холандија, сметаат дека буџетот е превисок.

Тие земји, исто така, сметаат дека средствата треба да се пренасочат кон одбраната, иновациите и индустријата, додека друга група земји, меѓу кои Италија, Грција, Полска и Шпанија, сакаат повеќе средства за земјоделството и кохезијата.

Новиот буџет на ЕУ мора да стапи во сила на 1 јануари 2028 година, но договорот мора да биде постигнат значително порано, особено имајќи предвид дека следната година избори се одржуваат во некои од најголемите членки на ЕУ – Франција, Италија, Шпанија и Полска.

„Колку што сме поблиску до 2027 година, толку повеќе домашните политики ќе доминираат во разговорите и ќе биде потешко да се обезбедат едногласност во Советот и согласност од Европскиот парламент“, наведува „Политико“.