Политико: Најмалку седум членки на НАТО се против членство на Украина во Алијансата


Седум членки на НАТО се против повикувањето на Украина да се приклучи на Алијансата, пренесе бриселскиот портал Политико, повикувајќи се на четворица официјални лица од НАТО и САД, како и некои дипломати.

Германија и САД се најголемите држави кои се двоумат дали да одговорат на повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за приклучување на Украина во НАТО, пишува  Политико и наведува дека Унгарија и Словачка исто така се против оваа одлука „бидејќи нивните лидери заземаат проруски ставови“.

Другите земји, како што се додава, не сакаат брзо да одговорат на барањето на Киев и им одговара што „се кријат во сенката“. „Земјите како Белгија, Словенија или Шпанија се кријат зад САД и Германија. Едноставно не покажуваат никаква иницијатива,“ изјави неименуван функционер на НАТО.

Иако овие земји ја поддржуваат идејата во теорија, „кога ситуацијата ќе се приближи кон реализација, јавно ќе се противат повеќе,“ објасни друг висок функционер.

Сепак, официјалните лица кои разговарале со новинарите истакнале дека ниту САД ниту Германија не исклучуваат можност за идно членство на Украина во НАТО.

Повикот за приклучување на Украина во НАТО е првиот дел од „планот за победа“ на претседателот Володомир Зеленски, кој го претстави пред европските лидери во Брисел на 17 октомври. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави за време на неодамнешната средба на министрите за одбрана на НАТО дека Украина може да стане 33-та или 34-та членка на Алијансата.

Меѓутоа, Politico истакнува дека НАТО сè уште не одговорил на повикот на Зеленски. Американската амбасадорка при НАТО, Џулиен Смит, изјави на 16 октомври дека НАТО не планира да ја покани Украина да се приклучи во блиска иднина.