Политичка корупција или сами на себе вето

Ни СДСМ има право да ги присвојува АСНОМ и НОБ за свое наследство, ни која било партија, значи ни ДПМНЕ, да го присвојува ВМРО, ниту било востание, ни Крушевската република ни кое било сенародно движење


Само ние има(в)ме во 21 век владејачка Внатрешно-македонска револуционерна (историски изворно и –тајна) организација. Ваков композит нема никаде во Европа, кон која се целеше. И уште со дополнителна додавка – демократска партија за македонско национално единство.
Само ние не успеавме да го заштитиме националниот симбол ВМРО од еднопартиска (зло)употреба. Апсурдно е нешто постаро од државата, (ВМРО, аналогно СКМ или ССРНМ), да се аплицира во имиња на партии, па да се поставува пред нив како репер. И творецот на системот на ВМРО, Христо Матов напишал: „Ние се бориме за политичка слобода и тогаш кога таа ќе се издвојува, Организацијата го губи правото на своето постоење“. Според тоа, од гледна точка на ВМРО, исклучен е историски континуитет.

И затоа, за да се излезе од оваа стапица, неопходно е статутите на споменатите партии да се усогласат од уставното уредување, во чии рамки мотивите од минатото можат да бидат само наследство на државата, а не на одделни партии. Од овие аспекти, само за проверка. Дали се или не се иритирани, или најмалку дискутабилни, барем за нас обичните граѓани, ставовите што со години се провлекуваат на многубројни наши научни, историски и јазични институти и кај стручна интелигенција – за немешање во „дневна политика“, во дневнополитички настани или случувања. А случувањата?

Заради просторот само неколку прашања: Дали се дневни или темелни општествени и уставни прашања поделбата на територии и размена со Р.Албанија, инаугурирани своевремено во МАНУ, уривањето на славјанскиот карактер на нашиот идентитет (по кој не знае и признава светот) и негова конверзија во длабока античка,предмилениумска илузија; процес, условно наречен антиквизација,со милијарди фрлени граѓански пари во урбано – естетска деформација на Скопје и поделба на народот.

Ни збор пред Собранието, тоа било општинска компетенција, без извештај и информации. Даден е дневно политички епитетот „заробена држава“, двата атентата во законодавниот дом – декемвриски и априлски;внатрешната политика спротивна на прокламираните евроатлански ориентации и статус земја – кандидат, сé под покровителство на најпатриотската партија. Внатрешна и револуционерна. Се прашува обичниот граѓанин – ова ли се дневно-политички, рутински настани, што не заслужуваат „мешање на науката и учените?“. Не. Ова се темелни деформации,можни во деформирана држава. Покриени со лажна партиска злоупотреба на светите букви, сенародните ВМРО.

Ни СДСМ има право да ги присвојува АСНОМ и НОБ за свое наследство, ни која било партија, значи ни ДПМНЕ, да го присвојува ВМРО, ниту било востание (Кресненско, Кар-ошево…) ни Крушевската република ни кое било сенародно движење.

Оттука, сега, во актуелната констелација, во напорите за уредувањето на нашето општество во демократска и напредна заедница и држава, по европските стандарди се наложува посебно на реформистите – новата млада генерација од ДПМНЕ, да ја насочат партијата во модерна, демохристијанска опозиција, како партиите, во чија европска асоцијација и тие се. Без префиксот кој е баласт и навреда за сите што ги знаат и чувствуваат реалните, историски наследства. Тоа е акт и процес за создавање неопходно државничко единство по највиталните државни интереси.

Сега е прилика за оние што умеат да мислат и умеат своите мисли и делување да ги пропратат со интелектуална аргументација. Многумина ќе речат – тоа сите го знаат. Дали? Нека го направат тоа. Сега треба.

(Васил Мукаетов е писател)