Политичар ослободен од затвор за да положи заклетва во парламентот на ЕУ, а потоа се враќа во затвор


 

Албанскиот политичар со грчко потекло Фреди Белери го напушти албанскиот затвор за да отпатува во Стразбур и да положи заклетва како пратеник во Европскиот парламент, но ќе се врати да ја отслужи казната за изборна измама.

Локалните медиуми го снимија Белери, кој влезе во Европскиот парламент како кандидат на конзервативната Нова демократска партија на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, како го напушта затворот со дипломатски автомобил од грчката амбасада.

Белери беше уапсен во мај 2023 година за време на изборна кампања за градоначалник во неговиот роден град Химаре, дом на активна етничка грчка заедница. Тој победи на изборите, но никогаш не положи заклетва, со оглед на тоа што беше во притвор и го чекаше судењето, а во март годинава беше осуден на две години затвор за изборна измама.

Го обвини Рама дека организирал заговор против него
„Сега патувам за Атина, а утре ќе бидам во Стразбур за да учествувам на првата седница на (европскиот) парламент“, изјави Белери за медиумите на аеродромот во Тирана. Случајот на Белери ги залади односите меѓу Албанија и Грција, балканските соседи чии односи често беа затегнати поради културните и историските разлики, како и бројните албански имигранти во Грција и грчкото малцинство во Албанија.

Засега не се знае како Белери ќе ја извршува функцијата пратеник во Европскиот парламент додека ја издржува затворската казна. Тој мора да се врати во затвор на 20 јули. Жалбата на Белери беше отфрлена претходно во јули, а неговата пресуда за купување гласови ја потврди и понискиот суд.

Белери го обвини албанскиот премиер Еди Рама дека организирал заговор против него, што Рама постојано го негираше и рече дека тоа е судско, а не политичко прашање.