Полицијата ги пронајде кацигата и ракавиците на крадците од Лувр
Париз – Француската полиција има неколку физички докази, вклучувајќи кацига за мотор и ракавици што веројатно ги користеле крадците на скапоцености од Лувр.
Платформата за мобилен кран, која крадците ја користеле за да се искачат на балконот и прозорците на галеријата, наводно била украдена од продавач кој поставил оглас на веб-страницата на Лебонкоен, објави весникот „Паризиен“.

Истрагата за кражбата на вредни предмети од Лувр е во тек, а истражителите од Бригадата за сузбивање на криминалот (BRB), во соработка со Централната канцеларија за борба против трговијата со културни добра (OCBC), продолжуваат да собираат изјави од сведоци и материјални докази што би можеле да помогнат во идентификувањето на членовите на бандата што украла осум непроценливи парчиња накит од две витрини во галеријата „Аполо“ во Лувр.
Елекот и опремата пронајдени на местото на настанот веднаш биле испратени на анализа.
Според францускиот весник, истражителите сега имаат нови докази, кацига за мотор што му припаѓал на еден од сторителите.
Истражителите запленија и ракавица пронајдена на платформата на кранот, како и клучевите од камионот што сторителите го користеле за пристап до балконот и прозорците на галеријата Аполо.
Крадците насилно ја украле плтформата од сопственикот, кој го препознал на снимката што континуирано се емитува на вестите од кражбата во неделата.

Четири лица провалиле во познатата галерија Аполо во музејот Лувр во Париз околу 9:30 часот наутро во неделата.
Тие користеле механичка скала монтирана на возило за да се искачат до галеријата.

Крадците го пробиле безбедносното стакло и зеле девет непроценливи културни предмети, од кои еден, круната на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III, била пронајдена на местото на настанот, за која се верува дека ја испуштиле сторителите за време на нивното бегство.

Предметите датираат од 19 век и припаѓале на француско благородништво, а се украсени со илјадници дијаманти и други скапоцени камења.