Полицијата ги опколи демонстрантите кои ја блокираа пругата. Обраќање на Вучиќ
Полицијата утринава во 5:30 часот интервенирала и го деблокирала железничкиот сообраќај. Организаторите на протестот најавија дека денеска ќе бидат блокирани уште три локации, но не прецизираа кои
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во 11 часот ќе и се обрати на јавноста по масовните демонстрации против ископувањето на литиум синоќа во центарот на Белград, додека демонстрантите во меѓувреме опстојуваат на намерата да го блокираат железничкиот сообраќај, јави Хина.
Демонстрантите на масовниот протест против ископувањето литиум синоќа ја блокираа железничката клучка во Прокоп во Белград и железничката станица во Нов Белград, а привремено беше блокиран и автопатот низ главниот град што води кон Ниш и Загреб.
Н1 Србија известува дека во раните утрински часови полицијата опколила граѓани кои цела ноќ ја поминале во станицата Прокоп. Тие објавија видео на кое се гледа како демонстрантите ги снима лице со фантомка, агент на безбедносните служби.
Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ утринава изјави дека Министерството за внатрешни работи во согласност со законите на Република Србија и нејзините законски овластувања овозможило непречен развој на железничкиот сообраќај.
– Со интервенција на полицијата во 5:30 часот, со строго почитување на полициските овластувања, овозможено е непречено одвивање на железничкиот сообраќај, со што се создадоа услови за нормално функционирање на општествениот живот во интерес на сите граѓани. Полицијата ќе поднесе кривични пријави против сите сторители на кривични дела за прекин на меѓународниот јавен сообраќај и загрозување на безбедноста на граѓаните, се наведува во писмената изјава на Дачиќ.
Prokop upravo, 5:47
Desetine žandara nas je opkolilo kao da smo teroristi pic.twitter.com/kSujr5hEpp— Marinika Tepić (@MarinikaTepic) August 11, 2024
Според опозициската пратеничка од ССП Мариника Тепиќ, во раните утрински часови, околу 5.30 полицијата ги опколила граѓаните што ја блокираа главната железничка станица „Прокоп“ и ги „исфрлила“, притоа апсејќи најмалку тројца активисти кои не сакале да ја напуштат станицата.
Учесниците на протестот против најавата за ископ на литиум синоќа ги блокираа железничките станици „Прокоп“ и Нов Белград, и останаа таму во текот на ноќта.
Организаторите претходно најавија дека нивно барање е да се донесе закон за трајна забрана за ископ на литиум и бор во Србија, а еден од нив, претседателот на здружението „Не го даваме Јадар“, Златко Кокановиќ, во саботата навечер изјави дека блокадите ќе траат додека не се исполни тоа барање.
Во Претседателството на Србија синоќа беше одржан состанок, по што беше најавено дека во 11 часот на граѓаните ќе им се обрати претседателот на Србија Александар Вучиќ во врска со протестот и преземањето понатамошни чекори.
За потсетување, десетици илјади луѓе се собраа во саботата вечерта во центарот на Белград против ископувањето на литиум на покана на еколошки здруженија и движења, барајќи од владата да го донесе законот за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.
По главниот собир во белградско Теразие, каде според проценките имаше околу 40 илјади луѓе, дел од демонстрантите блокираа две белградски железнички станици каде што имаа намера да останат до донесување на законот за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија, пренесе Индекс.хр.
По ко зна коју пут су показали да их баш брига за животну средину и здравље људи. Једни као распала банда иду да блокирају, не знају ни сами шта, али је битно да угрозе функционисање нормалним људима. Други се спремају да, како сами изјављују, “ископају највећу раку у згради…
— Милош Вучевић (@milos_vucevic) August 10, 2024
Мал дел го блокирал автопатот во Белград, а дошло до инцидент кога еден од возачите со својот автомобил удрил во демонстрантите. Според непотврдени информации три лица се повредени.
Пред неколку дена организаторите најавија дека од сабота ќе почнат со блокади, но не открија кои точки планираат да ги блокираат. Вчера покрај Прокоп беше блокирана и железничката станица Нови Београд, а еден од организаторите на протестот Златко Кокановиќ изјави дека денеска ќе бидат блокирани уште три локации, но не прецизираше кои.