Пола државен врв на промоцијата на фондацијата „Фросина Кулакова“


Донаторската вечер „Конци на светлината“ (Threads of Light) и промоцијата на Фондацијата „Фросина Кулакова“ на денот на нејзината трагична смрт, синоќа, во Скопје го собра пола државен врв, дизајнери, пријатели, роднини, уметници, претставници на дипломатскиот кор.

Случајот со Фросина Кулакова ја потресе целата македонска јавност (Фото: Б. Грданоски)

Животот на 22-годишната дизајнерка од Неготино згасна кога на 29 јануари, 2025 беше прегазена на булеварот ,,Партизанска” во Скопје.

Настанот ги обедини уметноста, културата и јавната одговорност во една силна и достоинствена вечер, во која беа изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци од разни области. Преку аукцијата беа собрани вкупно 512.500 денари, средства што ќе бидат наменети за програмите на Фондацијата, вклучително и за психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и за фондот за стипендирање млади талентирани уметници, кои поради социјални или финансиски причини не може да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина.

На присутните им се обрати директорката на Фондацијата, Росица Кулакова, сестра на трагично починатата Фросина, која зборуваше за патот од личната загуба до одлуката таа болка да се претвори во јавна мисија.

„Фондацијата ‘Фросина Кулакова’ се роди по загубата што го прекина текот на еден млад живот, но и од одлуката таа загуба да не остане затворена меѓу ѕидовите на нашиот дом, туку да стане одговорност, свест и заложба за подобар свет. Денес името на Фросина не го изговараме само како спомен, туку како повик за правда, за безбедност, за човечност, емпатија и солидарност. Оваа вечер е само почеток на процес, во кој од заедничката болка се ткае љубов, надеж и смисла“, истакна Кулакова во своето обраќање.

 

Во своето обраќање директорката Росица Кулакова сподели дека во текот на вечерта министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изразил особен интерес за идната соработка помеѓу Фондацијата и Министерството за внатрешни работи упатувајќи официјална покана за потпишување меморандум за соработка. Таа истакна дека поддршка и подготвеност за партнерство била изразена и од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, предводен од претседателот Горан Ангеловски, со што Фондацијата добива институционален партнер во својата мисија за системски пристап кон превенцијата и безбедноста во сообраќајот.

Посебен и длабоко емотивен момент на вечерта беше претставувањето на официјалната химна „Фросина“, отпеана од познатиот автор Александар Митевски заедно со хорот „Фрида“ под водство на Сузана Турунџиева, по текст на Огнен Неделковски. Химната на Фондацијата беше најавена од мајката на Фросина, Камелија, а присутните ја проследија со силни емоции и долги аплаузи како достоинствена почит, но и како силна јавна порака за смисла, одговорност и промена.

Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за подигнување на јавната свест за безбедноста во сообраќајот, за развој на кампањи за општествена одговорност и за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата што се соочуваат со последиците од сообраќајни несреќи.