Покајнички исповеди на заробени руски војници: „Путин е лажго и измамник“
Руски војници кои беа заробени од украинските сили го повикаа својот народ да се крене против претседателот Владмир Путин и тврдеа дека нивните убиени колеги војници се закопуваат во масовни гробници.
Група руски војници зборуваа против нивната влада за време на прес-конференцијата со новинската агенција Интерфакс-Украина, велејќи им на сограѓаните да „не гледаат во зомбите“.
Алексеј Железњак, Мустафаев Мугсад, Игор Руденко, Александар Фоменко дури и плачеа додека на прес-конференцијата зборуваа за нивното противење на руската инвазија, пишува британски „Мирор“.
Железњак, војник на 34-та одделна моторизирана бригада стационирана во Карачајско-черкеската Републикаа, на конференцијата рече дека го предупредил Путин дека никогаш нема да може да испрати доволно војници во Украина за да ја преземе контролата.
Тој додаде дека Путин „е лажго и измамник на целиот наш народ“.
„Путин, без објавување војна, ги бомбардира жителите, болниците, градовите на Украина“, рече тој, според преводите на конференцијата.
„Луѓе на Русија, не гледајте во зомбите. Украинскиот народ е храбар народ. Ќе ја запре оваа (руска) опрема и без оружје. Тие се обединети. Без оглед колку војници Путин ќе испрати овде, тој нема да ја освои оваа територија… Нашиот врховен командант е лажго и измамник на целиот наш народ. Тој не нѐ измами само нас, туку и цела Русија. Тој едноставно направи од нас фашисти“, рече Жељезнак.
Мугсад исто така ги повика руските граѓани да ја игнорираат државната пропаганда во нивната матична земја.
„Луѓето ќе ја паметат нашата агресија со векови“, рече тој.
„Луѓе, руски воени лица, конечно извадете ги очилата во розова боја и видете што се случува во Украина“.
Тој, исто така, се извини што „трупите на Руската Федерација донесоа тага и уништување, за еден ден прекинувајќи го мирниот живот на украинскиот народ“.
Руденко, сигналист на 126-та одделна крајбрежна одбранбена бригада на Руската Федерација, рече дека руските трупи веќе изгубиле и дека украинската војска ќе ги „уништи“.
Тој тврди дека 15.000 веќе загинале во конфликтот, кој започна пред речиси еден месец. Официјалните проценки, сепак, ја ставаат бројката на жртви многу помала.
„Ако вие (руската армија) ја имате честа што останува, не повторувајте ги моите грешки“, рече тој.

Командантот на автомобилскиот оддел на 126-та одделна бригада за крајбрежна одбрана, Фоменко, апелираше до своите сограѓани да протестираат против тековниот конфликт.
„Не плашете се од нашата влада“, рече тој. „Тие нема да ја газат толпата. Да, ќе приведат 10.00-20.000 луѓе, но ве има повеќе. Можете да излезете и да го запрете овој хаос. Тука страдаат мирни луѓе, деца“.
Русија допрва треба да одговори на прес-конференцијата, која следи од видеата на заробените војници кои го изразуваат своето жалење за инвазијата.
Условите под кои биле војниците кога се појавиле на конференцијата не се јасни и не е сигурно дали биле принудени или соработувале да зборуваат против Кремљ.