Погребите се скапи, па мртвите во Индија ги пуштаат по река или ги закопуваат на плажа


Во некои индиски реки најдени се тела, а се верува дека се работи за жртви на Ковид-19.

Полицијата разговара со мештаните на северот на Индија за да ги истражи случаите во кои тела се закопани во плитки песочни гробови или реката Ганг ги исфрли на бреговите, пишува АП.

Полицијата од џипови и чамци со мегафон ги предупредува луѓето телата да не ги фрлаат во река. „Овде сме за да ви помогнеме да ги организирате погребите“, велaт тие.

Дождовите во петокот разоткрија тела замотани во чаршави и закопани во плитки песочни гробови на рамен брег на реката во Прајаграј, град во државата Утар Прадеш.

Иако функционерите тврдат дека погребите на брегот на реката се вообичаени со децении, нивниот зголемен број поради пандемијата со корона вирус го насочи вниманието кон тој обичај.

Портпаролот на владата Навнет Сегал ги демантираше извештаите на локалните медиуми дека во изминатите две недели од реката се извлечени повеќе од 1.000 тела на жртви на Ковид-19.

„Се обложувам дека тие тела немаат никаква врска со Ковид-19“, рече.

Додаде дека и некои мештани не ги кремирале своите мртви, што е вообичаено поради хиндуистичката традиција, туку ги одлагаат во реките или во гробови близу реките.

Рамеш Кумср Синг, член на филантропската организација која на луѓето им помага да ги кремираат телата, рече дека бројот на смртни случаи е многу висок во руралните подрачја, а сиромашните луѓе ги одлагаат телата во реката затоа што организацијата на погреб им е прескапа. Трошоците за кремирање тројно се зголемија, па сега чинат околу 210 долари.

Во саботата, според проценката на фоторепортерот на АП, крај реката во близина на Прајаграј имало најмалку 300 гробови.Секој бил покриен со портокалова, жолта и црвенкаста ткаенина.Таму имало неколку полицајци, но на едно семејство не му дозволиле тука да го погребат 75-годишниот мртовец.

Еден полицаец рече дека властите одредиле телата на починатите од Ковид-19 мора да се кремираат и полицијата веќе не допушти да се погребуваат крај реката.

Еден 30-годишен будист дојде на брегот во Прајаграј со други членови на семејството за да ја закопа мајка му за која рече дека почина од срцев удар. „Не беше заразена со Ковид-19“, рече тој за репортерот на АП и додаде дека неговата религија дозволува кремирање или погреб, а тој одбрал погреб.

Властите минатата недела покрај Ганг пронашле 71 тело кои ги исфрлила реката покрај брегот во соседната држава Бигар. Властите рекоа дека не можеле да ја утврдат причината за смрт затоа што телата биле распаднати.

Десетина лешеви се пронајдени и минатата недела закопани во песокот на брегот на реката во округот Унао, а се истражува што е причина за смртта.

Две големи индиски држави, Утар Прадеш и Бихар, со речиси 358 милиони луѓе, се наоѓаат меѓу најтешко погодените од корона вирусот. Мештаните се немоќни да ги возат заболените во блиските градови, а многу од нив умираат затоа што индискиот здравствен систем се распадна.

Индија денеска извести за помал пораст на дневните случаи со Ковид-19 трет ден по ред, но бројот на починати во 24 часа беше поголем од 4.000, а во земјата досега починаа 270.000 луѓе

Смртните исходи се зголемија за 4.077, додека заразени се уште 311.170 луѓе – најмалку во еден ден во повеќе од три недели, покажаа денешните податоци на министерството за здравство. Вкупно бројот на заразени оваа недела мнадмина 2 милиони, а починаа речиси 28.000.

Масовниот втор бран на зараза во Индија почна во февруари, поради што болниците се во колапс.

Бројот на заразени непрекинато паѓа во државите погодени од почетниот налет на заразата, како најбогатите држави Махараштра и северната држава Делхи, откако се воведени строги мерки.

Сојузните здравствени службеници велат дека во сабота вкупната стапка на позитивни на тестовите паднала на 19,8 отсто оваа недела за разлика од претходната со 21,9 отсто, што донесе надеж дека дневниот број новозаразени почнува да се стабилизира.

Но, нагло порасна бројот на заразени во држави како Тамил Наду на југ и во руралните подрачја. Премиерот Нарендра Моди во саботата ги повика функционерите да ги зајакнат здравствените ресурси во руралните подрачја затоа што вирусот се шири во тие подрачја откако ги опустоши градовите.

Според податоците на владиниот портал Co-WIN објавени во неделата, најголемата држава на светот која произведува вакцини вакцинирала досега малку повеќе од 40,4 милиони луѓе, или само 2,9 отсто од вкупно 1,35 милијарди жители.

Индија во јули ќе има 516 милиони дози вакцини против Ковид-19, рече министерот за здравство Харш Вардан.