Почнува најголемиот спортски спектакл, Светското првенство во фудбал

Светскиот куп на глобално ниво се смета за најпрестижното фудбалско натпреварување, како и најгледаниот и најследен спортски настан во светот.


Светското првенство во фудбал, чии домаќини се САД, Канада и Мексико почнува денеска, а фудбалската треска ќе кулминира на 19 јули, кога ќе се одигра финалниот натпревар. Премиерниот меч е вечерва кога Мексико ќе се соочи со Јужна Африка во импозантната околина на стадионот Ацтека. Во текот на следниот месец, нормалниот ритам на секојдневниот живот ќе тече во позадината на најголемиот светски спектакл кој ќе го заземе централното место во 16 градови домаќини низ САД, Мексико и Канада.

Новиот, проширен формат носи 48 репрезентации кои ќе ги одмерат силите во 104 натпревари на патот до финалето во Њујорк на 19 јули. Целата врева и контроверзии кои ги придружуваа подготовките за турнирот ќе бидат премолчени, барем привремено, вечерва во 21 часот.

Во првото од трите свечени отворања, (секоја земја домаќин ќе има свое), Шакира ќе настапи на стадионот Ацтека во Мексико Сити. Мајкл Бубле и Аланис Морисет ќе бидат главни ѕвезди утревечер во Торонто, во пресрет на натпреварот помеѓу Канада и Босна и Херцеговина. Кети Пери потоа ќе настапи на СоФи стадионот во Лос Анџелес во сабота, каде што САД ќе го започнат патувањето против Парагвај.

Шпанија и Франција ги предводат фаворитите

За многумина, Шпанија влегува на турнирот како благ фаворит пред Франција. Со волшебниот талент на Ламине Јамал на преден план, Шпанија има добри шанси да го повтори својот успех по победата на Еуро 2024. Франција има изобилство на таленти во целиот тим, а Килијан Мбапе повторно го предводи тимот.

Иако има само 18 години, Јамал веќе е суперѕвезда со три титули во шпанската лига со Барселона и една европска шампионска титула. Има чувство дека ова Светско првенство може да биде за Јамал како што беше турнирот во 2018 година за тогашното тинејџерско чудо од дете, Мбапе.

Последниот танц на Меси, Роналдо и Модриќ

Ова ќе биде Светско првенство на кое ќе се збогуваме со двајца од најголемите играчи на една генерација, Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Меси ќе наполни 39 години следната недела и шансите на Аргентина да ја одбрани титулата ќе зависат од нивната способност да го извлечат најдоброто од својот мал волшебник.

Истото важи и за Португалија и Роналдо. На 41 година, тој останува лидер на португалскиот тим со ѕвезди под водство на Роберто Мартинез.

Лука Модриќ е уште еден златен ветеран кој на 40-годишна возраст по овој Мундијал сигурно ќе стави крај на својата раскошна репрезентативна кариера, потсетува Дејли Мејл.

Новиот формат ја отвора вратата за изненадувања

Со проширениот формат, вратата е отворена пошироко од кога било. Пристигнуваат меѓу другите Хаити, Курасао, Иран, Нов Зеланд, Ирак и Јордан. Можеби некои натпревари на почетокот не звучат возбудливо, но тоа е затоа што не знаеме многу за некои тимови.

„Дали многу луѓе знаеја за Сенегал кога го победи тогашниот светски првак Франција на отворањето на Светското првенство во 2002 година? Или за Камерун кога ја победи Аргентина на почетокот на Италија 90? И за Јужна Кореја кога ја исфрли Италија во 2002 година? Тоа е убавината на Светското првенство. Секогаш има приказна, а на сцената се нагласуваат новите херои“, се вели во текстот.

До сега осум освојувачи на пехарот

До сега, од почетокот на ова натпреварување во 1930 година се одржани вкупно 22 финални турнири, а се натпреварувале вкупно 80 репрезентации. Трофејот го имаат освоено осум репрезентации. Со пет победи, Бразил е единствениот тим што играл на секој турнир. Останатите светски победници се Германија и Италија, со по четири титули; Аргентина, со три титули; Франција и инаугуративниот победник Уругвај, секој со две титули; и Англија и Шпанија, со по една титула.

Светскиот куп на глобално ниво се смета за најпрестижното фудбалско натпреварување, како и најгледаниот и најследен спортски настан во светот.

Гледаноста на Светското првенство во 2018 година беше проценета на 3,57 милијарди, близу половина од светската популација, додека во 2022 година беше проценет на 5 милијарди, со околу 1,5 милијарди луѓе кои го гледаа финалниот натпревар.

Осумнаесет земји беа домаќини на Светското првенство, а последниот беше Катар, кој беше домаќин на настанот во 2022 година. На турнирот во 2026 година заеднички домаќини се Канада, Мексико и Соединетите Американски Држави, со што Мексико ќе биде единственага земја до сега која ќе биде домаќин на натпревари на три Светски првенства.

Репрезентациите се поделени во 12 групи:

А-група: Мексико, Јужна Африка, Јужна Кореја и Чешка

Б-група: Канада, Бих, Катар, Швајцарија

Ц-група: Бразил, Мароко, Хаити, Шкотска

Д-група: САД, Парагвај, Австралија, Турција

Е-група: Германија, Курасао, Брегот на Слоновата Коска, Еквадор

Ф-група: Холандија, Јапонија, Шведска, Тунис

Г-група: Белгија, Египет, Иран, Нов Зелнад

Х-група: Шпанија, Зелено’ртски Острови, Саудиска Арабија, Уругвај

И-група: Франција, Сенегал, Ирак, Норвешка

Ј-група: Аргентина, Алжир, Австрија, Јордан

К-група: Португалија, Конго, Узбекистан, Колумбија

Л-група: Англија, Хрватска, Гана, Панама.

Групната фаза ќе ја поминат двете првопласирани од секоја група и осум третопласирани.

 
СП 2026: Градови и стадиони