Почнува Фестивалот за ментално здравје „Иницирај промена! Креирај гласно“


Во Националната галерија – Мала станица во Скопје, од 9 до 15 јуни ќе се одржи првото издание на Фестивалот на ментално здравје „Иницирај промена! Креирај Гласно“, во организација на здружението „Биди Човек“, со поддршка од повеќе ротари клубови.

Фестивалот ќе биде отворен денеска во 19 часот со изложба на младински уметнички дела и панел-дискусија на тема „Менталното здравје кај младите“, на која ќе учествуваат експерти од областа на медицината, психологијата и уметноста.

Настанот е резултат на едукативни и креативни работилници во кои младите, преку уметничко изразување и дијалог, ги споделувале своите размислувања и емоции поврзани со менталното здравје.

Во рамки на седумдневната програма се предвидени работилници, квиз, специјализирани сесии за ментално здравје во спортот, креативни активности, како и театарска изведба. Изложбата ќе биде отворена за посетители во текот на целиот фестивал.

Организаторите истакнуваат дека целта е да се поттикне отворен дијалог за менталното здравје и да се даде простор на младите гласно да ги изразат своите ставови и искуства, при што собраните донации ќе бидат наменети за идни работилници и поддршка на млади.