Почнува евакуацијата на луѓето кои од саботата се заробени во пештера во Словенија ФОТО

Нивото на водата во словенечката Крижна јама, каде од саботата се заробени пет лица, паѓа, па денеска ќе се направи обид за спасување на затрупаните.
Командантот на словенечката цивилна заштита Сречко Шестан денеска за агенцијата СТА најави дека околу 14 часот ќе започне евакуацијата на пет лица кои од саботата попладне се заробени во Крижна Јама.
Шестан потсети дека тричлено семејство и двајца водичи се заробени од саботата поради високиот водостој, на околу 2,4 километри од влезот во пештерата.
Според Шестан, водата што го предизвикала високиот водостој дошла од правец на Хрватска, што го изненадило инаку искусниот водич, пренесува Index.hr.
Кога се враќале од пештерата, виделе дека е делумно поплавена, поради што се повлекле на безбедно, рече Шестан.
Акцијата за спасување започна веќе во саботата попладне, а досега неколку екипи нуркачи стигнаа до затрупаните лица и им обезбедија се што им е потребно.
Тие престојуваат во шатор кој се загрева, на карпа на десетина метри над водата, имаат храна, топла облека, а според последните извештаи од спелеолошката екипа состојбата е стабилна.
Шефот на Спасувачката служба Валтер Закрајшек синоќа изјави дека нема да биде лесно да се излезе од пештерата.