Почна реконструкцијата на дел од локалниот пат Драчево – Мотел „Китка“


 

Во Општина Студеничани денеска беше поставен камен темелник на реконструкција на дел од локалниот пат Драчево-Мотел Китка.

Реконструкцијата е проект од првиот јавен повик на Владата во вредност од 63,5 милиони денари од кои 59,2 милиони денари се обезбедени преку Mинистерството за транспорт, а 4,3 милиони денари со кофинансирање на општината. Вкупната должина на овој локален пат во село Студеничани е 840 метри.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски истакна дека сè додека сите општински чинители работат за доброто на граѓаните, ќе има проекти коишто значат поквалитетен живот на граѓаните.

„И сè додека функционира сето ова вака како што функционира, ќе има проекти – ќе има проекти коишто значат поквалитетен живот на граѓаните, покомфорен живот, поубав живот. Ние немаме намера да заборавиме ниту едно место на целата територија на Македонија, ќе инвестираме секаде. Тоа го правиме еве веќе деветти месец, покажуваме поинаков начин на функционирање на Влада. Еден од претходните говорници кажа дека порано се инвестираше во општини коишто не беа градоначалниците од опозицијата, се бираше од која политичка партија се. Ние немаме таква намера, инвестираме секаде и ќе продолжиме така да се однесуваме во иднина. Ќе покажеме еден поинаков карактер, едно поинакво однесување, бидејќи граѓанинот-Македонецот, Албанецот, Турчинот, Србинот, Ромот, Бошњакот и сите останати, Влавот-се центарот на нашето внимание, и сите ние заедно ќе работиме за нивно подобро утре“, рече Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски нагласи дека Министерството дава силна подршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти. Потенцира дека во општина Студеничани со средства од Министерството за транспорт веќе работат на подобрување на локалните патишта во населените места и овие средства се надвор од оние 100 милиони евра што Владата ги обезбеди за сите општините за реализација на капитални проекти. (МИА)