Почна изградбата на брана на река Отиња, шест децинискиот сон на штипјани
Изградбата на брана на реката Отиња, шест дециниски сон на штипјани, денеска официјално започна во присуство на високи владини претставници. Градежните работи ќе се одвиваат во наредните две и пол години.
„За само две и пол години општината направи подвиг за реализација на проект заглавен во процедури децении наназад. Општината го подготви основниот проект со изработка, ревизија, студија за оценка на влијанието на животната средина, изработен и усвоен Детален урбанистички план, како и позитивно мислење од Институтот за земјотресно инжинерство и инжињерска сеизмологија. Потоа следеше и тендерската постапка од страна на Министерството. Инвестиционата вредност на градбата изнесува 306 милиони денари согласно склучените договори за изградба и надзор“, рече премиерот Зоран Заев.
На свеченоста покрај премиерот Заев, беа и вицепремиерот Љупчо Николoвски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов. Заев истакна дека оваа капитална инвестиција ја покрена поранешниот градоначалник, а сега министер за транспорт и врски, Бочварски.
Средствата се обезбедени во Буџетот на МТВ за период од 2021 до 2023 година, а рокот на изведба е планиран и изнесува не повеќе од 30 календарски месеци или две и пол години. Со проектот е предвидено да изведе камено земјена брана со централно глинено јадро со висина од 33 метри.
„Придобивките од оваа инвестиција се огромни, се бројни. Браната на река Отиња на Штип ќе му донесе промена на климата, заштита од градот, од поплави, но и место за рекреација. Ќе се намалат високите летни температури, но и ќе влијае и на зголемување на зимските температури. Дополнително се создава биолошки минимум во коритото на реката Отиња, а ќе се користи и за наводнување на зелените пворшини. Ова ќе биде место за рекреација на штипјани, но и на сите наши граѓани во државата. Ќе биде можност за еден развој на градот во наредните години и децении“, посочи Заев.
Вицепремиерот Николовски рече овој проект е важен не само за штипјани туку за целиот македонски Исток.

„Целата процедура за изградба на браната започна кога бев министер за земјоделство, а кога Благој Бочварски беше градоначалник на Штип и кога првин ги искористивме можностите на Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за рурален развој да ги одглавиме сите овие постапки и процедури и да ја трасираме и браната и овој проект на правиот пат“, се пофали Николовски.
Забележа дека во овој регион се гради уште една брана во Кочанско, што како инфраструктурен проект чини над 30 милиони евра.
Министерот Бочварски истакна секоја претходна Влада и секоја претходна општинска администрација овој проект го имаше само како идеја или проект на хартија, но на крајот не исполнето предизборно ветување. Но, како што рече, за граѓаните на Штип денеска оваа брана е суштинска потреба.
„Изготвивме основен проект, се направија ревизија на проектот студија за животна средина, изработивме ДУП преку општината ги обезбедивме сите согласности од државните институции за на крај да добиеме и поддршка од Владата и да се обезбедат средства за изградба од државниот буџет преку Министерството за транспорт и врски и да добиеме одобрение за градење“, рече Бочварски.
Прашан дали е извршена експропријација на земјиштето, Бочварски одговори дека на делот каде што се гради браната е извршена, додека во делот каде по изградбата треба да се полни не е, но во наредните две и пол години министерството и општината ќе ај завршат и оваа постапка.
Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов рече дека изградбата на браната ќе отвори и можности за поголем развој, но и инфраструктурно поврзување и на населбите Суитлак и Блок 2000.