Почина полскиот поет Адам Загајевски, лауреат на СВП во 2018


Полскиот поет Адам Загајевски, лауреат на Струшките вечери на поезијата во 2018 година, почина вчера, токму на Светскиот ден на поезијата 21 март.

Загајевски  (Лавов, 21 јуни 1945), е еден од најголемите полски и светски поети, новелист, преведувач и есеист. Во 2004 година бил награден со Нојштадската меѓународна награда за литература, во 2016 со Грифиновата поетска награда за животно дело, во 2017 со Наградата на принцезата на Астурија за литература и во 2018 година со Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Во превод на Звонко Димоски беше објавен капитален избор од неговото творештво на македонски јазик.

Загајевски, зад себе има интересна семејна историја и творештво кое било забранувано во неговата татковина. На младите поети им советува интелектуална љубопитност, но не и „работа“ во класичната смисла на зборот.

Една недела по нападите од 11 септември, Њујоркер на задната корица ја објави „Обиди се да го славиш унакажаниот свет“ на Адам Загајевски. Иако песната беше напишана година и пол претходно, таа сосема се вклопи во колективната тага на моментот, но и на славењето на животот кој продолжува.

Додека неговата поезија го слави поединечниот живот, овој полски дисидент, кој ја напуштил Полска во 1975, го отфрла секој систем, за кој вели дека во принцип е „ментален отров, скапано јаболко на умствениот живот“. Долги години предавал на Универзитетот во Хјустон, повремено предавал на Универзитетот во Чикаго, а остатокот од годината (од 2002) живеел во Краков со сопругата Маја, која е психотерапевт.

Негова последна книга преведена на англиски беше „Мало претерување“ (2017), мемоар кој ги покрива неговите дваесет години минати во Париз, пријателствата со други славни поети како Збигњев Херберт или Јозеф Бродски и историјата на неговото семејство, особено нивното протерување од Л`вов (денешна Украина), во Гливице, Полска. Така, оваа книга од автобиографија станува и историја на едно време, со интересни детали кои не се среќаваат во историските читанки туку се повеќе дел од интимните биографии. Како кога неговиот дедо пред Првата светска војна инсистирал неговите деца да научат неколку според него суштински вештини – пливање, стенографија и германски, а десничарската фамилија на мајка му ретко зборувала за нејзината сестра, која умрела рано од туберклоза, а се движела во комунистички кругови.

Во подолго интервју за Los Angeles Review of Books, запрашан кои три вештини тој би им ги советувал на младите поети денес, тој вели: првата би била интелектуалната љубопитност. Истовремено, тоа би била и втората, и третата. Да се советува „работа“ на поет е контрапродуктивно, бидејќи понекогаш неправењето ништо може да биде поплодно, способноста да се биде на штрек, без да се прави нешто конкретно. „Животот е потценет, а поезијата не претерува“, вели тој.