Почина Мајкл Гамбон, познат по улогата на Дамблдор во филмовите за Хари Потер


Актерот Мајкл Гамбон почина на возраст од 82 години, јавува „The Guardian“. Гамбон, кој е најпознат по улогата на Албус Дамблдор во филмовите за Хари Питер, починал во болница.

Тажната вест ја потврдија неговата сопруга Лејди Ен Гамбон и синот Фергус.

„Скршени сме што мораме да ја објавиме загубата на сер Мајкл Гамбон. Саканиот сопруг и татко почина во болница по воспаление на белите дробови, додека неговата сопруга и синот беа покрај неговиот болнички кревет. Имаше 82 години. Ве молиме да ја почитувате нашата приватност во овој болен момент и ви се заблагодаруваме на пораките за поддршка и љубов“, пишува во соопштението.

Кариерата му ја одбележаа филмовите за Хари Потер
Мајкл имаше кариера долга 60 години. Своето актерско деби го имал во продукцијата на „Othello“ во Даблин во 1962 година, а набрзо му се придружил на Националниот театар во Лондон.

Го глумеше францускиот детектив Мегре во серијата „Maigret“, а познат е и по улогата во серијата „The Singing Detective“. Глумеше во филмовите „Gosford Park“, „Sleepy Holllow“ и „Paddington“. Кариерата му ја одбележа франшизата за Хари Потер кога го замени Ричард Харис како директор на Хогвартс во третиот дел.

За својата работа во актерството освои три „Olivier“ награди, две „Screen Actors Guild“ награди и четири „BAFTA“ награди.