Почина една од најубавите актерки во минатиот век, три пати беше номинирана за Оскар


Американската актерка Пајпер Лори почина на 92-годишна возраст, таа беше една од најубавите актерки во 60-тите.

Американската актерка Пајпер Лори почина на 92-годишна возраст, јави Си-Ен-Ен.

„Лори веќе некое време не се чувствуваше добро. Ќе остане запаметена како врвна актерка од нејзината генерација и прекрасна личност“, изјави за медиумите портпаролката на актерката Марион Розенберг.

Лори почина во саботата во Лос Анџелес, а причината за смртта се уште не е потврдена.

Инаку, Пајпер Лори е најпозната по улогите во филмовите „The Hustler“ и „Carrie“ и серијата „Twin Peaks“. Таа ја освои наградата Еми во 1987 година и три пати беше номинирана за Оскар.

Таа ја започна својата кариера во 1950 година, а потоа направи долга пауза од Холивуд бидејќи беше разочарана од начинот на кој индустријата ја третира како млада актерка. Исто така, таа еднаш изјави дека е разочарана од едноставноста на женските улоги кои и биле понудени.

Кога повторно се појави на сцената, Лори повторно се етаблираше преку впечатливите женски ликови.

Таа беше една од најубавите актерки во тоа време. Таа зад себе остави ќерка, Ен Грејс Моргенштерн, која ја имаше во бракот со Џо Моргенштерн.