Почина еден од обвинетите за трагедијата во „Пулс“
Главниот инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување во времето на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ , почина додека беше во куќен притвор. Љупчо Грнчиштаров беше обвинет во големиот предмет што се води против 35 обвинети, меѓу кои и функционери во државни институции и три фирми, а сите се товарат за исто кривично дело „тешки дела против општата сигурност“.
Грнчиштаров имаше 54 години, а ја извршуваше функцијата генерален инспектор во ДЗС до 2013 до 16 март 2025 година, кога се случи трагедијата. На судските рочишта тој ниту еднаш не се пожали на својата здравствена положба.
Минатата година во октомври, уште пред да има обвинение, почина еден од осомничените полицајци за пожарот во „Пулс“, Владо Петров. Тој како пензиониран полициски службеник беше осомничен дека додека бил главен инспектор за сообраќајни работи потпишал документ за паркинг-просторот пред т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани.