По рампата за македонските компири и медот: Во игра и транзитна такса за косовските камиони


Македонија ќе се обиде преку дијалог да го надмине трговскиот спор со Косово. Ако не оди, во арсеналот ја има и непопуларната мерка – транзитна такса за камионите што носат стока во Косово. Пресметките за брзиот и голем негативен ефект од зафатот од прва треба да му покажат на северниот сосед дека во случајов не треба да истрае на забраната за увоз на компири и мед од Македонија. Колку би изнесувала по камион, нашите извори засега не откриваат.

Понеделнички, Министерството за економија и она за земјоделство, Царинската управа и Агенцијата за храна ќе бараат решение за спорот со Косово. Косовските медиуми јавуваат дека одлуката на вршителот на должност министер за трговија и индустрија, Ендрит Шала, за забраната е проблематична, затоа што Уставниот суд на Косово уште не се изјаснил за делокругот на дејствување на министрите откако премиерот Рамуш Харадинај минатиот месец поднесе оставка. Што значи, и овој момент ќе биде на маса кога ќе се носи одлуката за натамошно постапување на македонската страна. Ќе се гледаат и податоците што секоја од надлежните институции ќе ги презентира, за да се аргументира постапувањето на Македонија во спорот, за потоа да се бара косовската страна да ја повлече забраната.

Според податоците на Државниот завод за статистика, обемот на размена меѓу Македонија и Косово од јануари до јуни оваа година изнесува 152,5 милиони евра. Од нив 139,3 милиони евра се извоз од Македонија. Споредено со истиот период лани, извозот е поголем за 38,6 проценти. Кај увозот од Косово, во првата половина од годинава, има намалување од 15,4 проценти. Македонија само со Косово и Унгарија бележи раст на извозот и пад на увозот.

Косово, како земја со кој остваруваме најголем суфицит во трговската размена, е значаен пазар за македонските земјоделски производители, за прехранбениот сектор, градежништвото, трговијата, хемиската и нафтената индустрија.

Од друга страна, нема година да нема трговски „искричења“ меѓу двете земји.

„И во моментов имаме отворени прашања во трговската размена со Косово, кои не сме сакале да ги издигнуваме на ниво на спор. На пример, кај извозот на брашно од Македонија има беспричински застои од 3 до 5 дена на косовска страна, за да се поскапи нашиот извоз. Во повеќе наврати е реагирано до косовските власти, но без успех. Не е добро кога интересите на една мелница на Косово се издигнуваат на ниво на државен интерес“, велат извори од Министерството за економија.

Упатените велат дека дипломатски и внимателно ќе се решава и актуелниот спор со Косово. Македонскиот министер за економија Крешник Бектеши во вторник оди на средба со косовскиот колега. Ќе му каже дека тоа што Македонија воведе забрана за увоз на млади риби и икра од Косово е согласно ЕУ прописите. Изминативе месеци Агенцијата за храна и ветеринарство барала информации за здравствениот статус на рибниот подмладок, но податоци не добила. Косовските претставници одговориле дека системот за надзор на рибни болести во Република Косово не се следи.

 

Популистичка одлука

Одлуката за воведување забрана за увоз на мед и компири од Северна Македонија, е во најмала мерка популистичка одлука, која е неразумна и е донесена во погрешно време, изјави Сафет Ѓергалиу, економски аналитичар и поранешен претседател на Стопанската комора на Косово.

„Од една страна, се поставува легитимитетот на донесената одлука, затоа што е донесена од влада која е во оставка бидејќи владата во заминување нема право да донесе таква одлука. Косово е во многу тешка положба, и ваквите одлуки се апсурдни и ѝ штетат на иднината на Косово.

Од друга страна, какви се анализите што претходеа на оваа одлука? Дали ќе биде тоа популизам или станува збор за други интереси, кои навистина му штетат на Косово – како политички така и економски, социјални и пред сè, во однос на интеграцијата и добрите односи со државите од регионот. Оваа одлука треба да ги засега сите оние што го гледаат Косово како дел од регионот и сакаат да го видат во едно европско семејство, како земја-модел за добрососедство. Оваа одлука, како и одлуката од минатата година за воведување царинска стапка од 100 отсто за производите од Србија и Босна и Херцеговина, придонесува Косово денес воопшто да не биде на листата на земји во однос на атрактивноста на привлекување на странски инвестиции, како што покажа и рангирањето на ‘Фајненшл тајмс’ објавено пред некој ден“, изјави Ѓергалиу на ТВ „Клан Косова“.

Анита Салтировска