По Нова година престанува бесплатното паркирање под „Дајмонд мол“
Посетителите на „Дајмонд мол“ од први јануари повеќе нема да можат бесплатно да паркираат во подземната гаража на овој објект во центарот на Скопје, откако новиот советнички состав во Град Скопје му даде дозвола на „Лимак“ да наплаќа за паркирање во подземната гаража.
Во иднина за првите два часа ќе плаќаат по 50 денари, а за секој нареден по 60.
Откако повеќе од две години Советот на Град Скопје не дозволи компанијата „Лимак“ да наплаќа за паркирање во трговскиот центар, сега новиот советнички состав, во кој исто така мнозинството го сочинуваат советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но и со поддршка на советничката група на СДСМ, на последната седница ја усвои одлуката за давање дозвола за вршење дејност паркирање на „Лимак“.
Покрај цените за паркирање од час, од „Дајмонд мол“ информираа и дека „преноќено“ паркирање чини 1.500 денари, а исто толку треба да се плати за непрописно паркирање и за изгубен или оштетен билет.
Бесплатно паркирање е овозможено со приложување фискална сметка во износ над 400 денари издадена од „Веро“ маркетот, Dream zone или Автопералната – известија од „Дајмонд“ не прецизирајќи дали ова значи дека со сметки од рестораните и продавниците нема да има бесплатно пракирање.
„Лимак“ веќе подолг период се обидуваше да добие дозвола да наплаќа за паркирање на сопствениот паркинг, па дури извесен краток период наплатуваше и без дозвола додека не проработеа градските инспектори. Во моментов паркирањето е бесплатно во првите два часа, а за подолго треба да се приложи сметка над 400 денари направена во „Дајмонд мол“, со која на паркингот може да се остане до 9 часот. Но, и без сметка во пракса не се наплатуваше, а поставените паркомати во молот досега беа надвор од функција.