По контролите, кафанџиите во Прилеп ги потсобраа масите од тротоарите – училиштата и градинките се безбедни

По проверките на јавните објекти, но и контролите во угостителските објекти во Прилеп, се покажа дека градинките и училитата се безбедни, а угостителите мораа да ги потсоберат масите распослани по тротоарите и плоштадот, онолку колку што им е дозволено по елаборат, информира градоначалникот Борче Јовчески.
Во изминатиот период беа спроведени засилени инспекциски надзори во повеќе сектори, со цел зголемување на безбедноста и заштитата на граѓаните, согласно актуелните случувања во државата.
Во периодот од 4 февруари до 6 март 2025 година, од страна на овластениот просветен инспекторат беа извршени редовни инспекциски надзори во сите основни и средни училишта во Општина Прилеп. Согласно наодите, не се утврдени никакви неправилности во функционирањето на образовните установи, а училиштата ги исполнуваат сите пропишани стандарди за безбедност. Исто така, тековно се вршат проверки во сите детски градинки, а согласно информациите од училиштата, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) редовно вршат контроли, при што сите пропишани мерки се почитуваат.
Паралелно со овие надзори, во периодот од 19 до 24 март 2025 година, комуналната и даночната инспекција на Општина Прилеп изврши вонредни инспекциски контроли во 24 угостителски објекти. На дел од субјектите им беа изречени опомени за понатамошно постапување согласно законските прописи, особено во делот на користење јавна површина, плаќање комунални такси и даноци, како и одржување на јавната чистота.
Дополнително, во периодот од 20 до 24 март 2025 година, овластениот инспектор за животна средина изврши контрола на повеќе правни субјекти. При надзорот беше утврдено дека истите поседуваат соодветни елаборати и програми за управување со отпад, со што се потврдува нивното усогласување со законските регулативи.
– Ги повикувам сите граѓани, институции и стопански субјекти да останеме одговорни и посветени на заедничката цел – безбедна и просперитетна заедница за сите – рече Јовчески.