Советот на Општина Кочани до локалните избори ќе функционира со 18 советници

Советот на Општина Кочани ќе функционира со 18 советници до одржувањето на локалните избори, откако на 62. седница за в.д. градоначалник беше избран Венко Крстевски од листата предложена од група избирачи.
„Согласно законските одредби, советничкото место на Крстевски ќе биде во мирување, односно тоа нема да се пополнува со следниот којшто се наоѓа на кандидатската листа. Што се однесува за оставката што советничката Кристина Атанасова-Арсова ја поднесе на вчерашната седница на Советот, за тоа веќе е информирана Општинската изборна комисија и оттаму треба да достават известување за следниот кандидат од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата. По добивањето на известувањето, на следната седница на Советот треба да биде верификуван мандатот на новиот член од оваа листа“, истакна Венцо Бојков, раководител на Oдделението за правни и општи работи во Општина Кочани.
Изборот на советникот Крстевски за в.д. градоначалник, согласно одредбите во Законот за локална самоуправа, беше направен по оставката на досегашниот градоначалник Љупчо Папазов, против кого Обвинителството побара мерка притвор по катастрофалниот пожар во клубот „Пулс“.
До редовните локални избори што треба да се одржат во октомври, Советот на Општина Кочани наместо 19 ќе има 18 членови, односно девет од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, осум од СДСМ со коалицијата и еден советник од Левица.