По две децении се враќа средното полициско училиште
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната научно-стручна конференција порача дека „системот го носат луѓето“, а не само опремата. Тој најави дека клучниот столб за градење квалитетен кадар ќе биде повторното воспоставување на средното полициско училиште, проект кој се враќа по пауза од повеќе од 20 години.
Според Тошковски, психофизичката подготвеност е основата на професионалноста, особено во услови кога одлуките мора да се носат брзо и под огромен притисок.
„Психофизичката подготвеност не е дополнителна вредност, туку основа. Таа значи способност да се остане прибран под стрес, да се реагира рационално и да се зачува интегритетот во секоја ситуација“, истакна министерот Тошковски.
На конференцијата беше нагласено дека полицијата работи во непредвидливи услови, па затоа системскиот пристап – од селекција до континуирана поддршка – е неопходен за безбедноста на граѓаните.