По 13 години пак проработе нафтоводот Солун – Скопје


 

На последниот ден од годината беше пуштен во функција нафтоводот Солун – Скопје, соопшти вчера извршниот директор на „Хеленик енерџи“, Андреас Сијамисис, говорејќи на настан на компанијата, објави грчката новинска агенција АНА-МПА. Информацијата дека нафтоводот почна со работа, за дописничката на МИА од Атина, ја потврдуваат и извори од грчката компанија.

Нафтоводот Солун – Скопје повторно функционира по 13 години неактивност, веќе била испорачана првата пратка, а според овие информации, во следниот период ќе следува и втората.

Извршниот директор на грчката компанија на вчерашниот настан истакнал дека во суштина станува збор за еден вертикален коридор за снабдување со традиционални производи, со оглед на тоа што нафтоводот ќе пренесува дизел-гориво, кое е основниот производ во поширокиот регион.

Дополнително, според АНА-МПА, тој посочил дека работењето на нафтоводот ги олеснува извозите не само кон Северна Македонија туку и кон соседните пазари, како Косово, јужна Србија и Бугарија, со што се зајакнува геополитичкото влијание на земјата во регионот.

Но, и дека се намалува значителниот сообраќаен метеж и оптоварувањето на животната средина во Солун, поради сообраќајот на цистерни, преку кои се вршеше снабдувањето во изминатите 13 години, односно во периодот кога работата на нафтоводот беше прекината.

Пред две години, во интервју за „Катимерини“, извршниот директор на „Хеленик енерџи“, Сијамисис, говорејќи за нафтоводот, посочи дека годишно може да пренесува 2,5 милиона тони сурова нафта и нафтени деривати (дизел, керозин и бензин). 

Нафтоводот беше неактивен од 2013 година, а од 2020 година се интензивираа напорите кога беше формирана заедничка комисија за да изнајде области на поклопување меѓу инволвираните страни во поповолна средина за повторно да биде ставен во функција.