Пленковиќ контра Милановиќ за хулиганите: Не отидоа таму за туризам!


Време е да се направат вистинските потези, порача Андреј Пленковиќ (Фото: Б. Грданоски)

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска го коментираше апсењето на хрватските навивачи во Грција, кои предизвикаа немири во Атина при што беше убиен еден грчки државјанин а повеќемина беа повредени. Тој нагласи дека грчката полиција била предупредена дека доаѓа група луѓе, кои очигледно ќе се судрат со навивачите на АЕК.

„Спортско навивање да, но хулиганство не. Жал ни е што тоа се случи“, рече тој.

Пленковиќ  разговарал со грчкиот премиер од кого побарал Грција да гарантира фер и брз судски процес и безбедност во затворите. Тој изрази сочувство за смртта на грчкиот навивач и  посочи дека хрватската влада и Министерството за надворешни работи се во постојан контакт со грчките власти, а амбасадата е на располагање на хрватските граѓани. Притоа потсети на обвиненијата против нив, велејќи дека се работи за тешки кривични дела.

„ Соодветно на тоа, максимално ангажирано ќе им помогнеме на хрватските граѓани, на овие млади луѓе кои отишле таму на максимално ангажиран начин, водејќи сметка дека тие не отишле таму на матура, не отишле на екскурзија, не оделе на одмор, не отишле за туризам, туку отишле свесни дека нема да можат да влезат на натпреварот. И, се случи она што се случи. Затоа, очекуваме брз процес во Грција и огромното мнозинство од овие луѓе да бидат депортирани и вратени во Хрватска. Се работи за тешки кривични дела за кои се товарат. Убеден сум дека не може да има 100, не може да има 98 кои евентуално се поврзани со овој случај каде што, за жал, загина еден граѓанин“, рече хрватскиот премиер.

Тој апелираше до грчките власти да ја спроведат постапката што е можно побрзо и поефикасно и да го депортираат огромното мнозинство хрватски државјани во Хрватска.

„ Целиот случај е во рацете на грчкото правосудство, а не на извршната власт“, потенцираше тој.

Од друга страна, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ претходно излезе со остра реакција за овој случај. 

„ Државата мора да си ја заврши работата. Грција има своја процедура, но јас сум претседател на Хрватска, сум субјективен и себичен кога се во прашање сто хрватски затвореници. Тие луѓе се заробени како да е војна. Тоа нема врска со законот. Тоа го кажав пред неколку дена, плашејќи се дека ќе се случи вакво нешто, дека ќе има колективна етичка казна. Сега можам да навлегувам во причините зошто тоа е направено сега и зошто токму во Грција и што треба Грција да добие од УЕФА и зошто им е важно одговорноста да ја префрлат на Хрватите. Колку Грци се во притвор?„, праша Милановиќ.

Тој потсети дека грчките власти – и по пет дена од приведувањето на навивачите без објаснување – не им било доволно да идентификуваат кој ќе биде одговорен, туку сите ги ставиле во притвор.

„ Па, тоа не е правна држава! Тие луѓе беа третирани како воени заробеници. Да бев премиер би размислил што да направам. Не е едноставно. Ова се граничи со воено право. Тие се третираат како заробена единица. Имаш пет дена да го одвоиш плевелот од група луѓе и сите ги ставаш во притвор и ги расфрлаш по цела Грција за да бидат тепани и силувани. Одлично – тоа е ЕУ“, предупреди хрватскиот претседател.

„Ако пет или десет од нив стотина беа ставени во притвор, јас би рекол – во ред. Но, ова нема никаква врска со владеењето на правото. На ваквите правосудни системи многу помалку им верувам од хрватскиот кон кој сум многу скептичен и постојано го критикувам. Не можете да држите сто луѓе во притвор пет дена. Тие пет дена ви даваат огромна дискреција да видите што се случило, а потоа тие се луѓе и наши граѓани кои имаат свои човекови права“, додаде тој и предупреди дека хрватските навивачи и граѓани „во Грција се третираат како коров“.

„Тоа нема никаква врска со демократијата, со почитувањето на човековите права. Ако е тоа ЕУ денес, тогаш подобро да ја нема“, оцени претседателот на Хрватска.