Пленковиќ денеска брутално ќе си ја зголеми платата, ќе има 5.500 евра


Од посетата на Пленковиќ во Скопје во 2023 година (Фото: Б. Грданоски)

 

Хрватската Влада на седницата денеска на пладнет брутално ќе си ги зголеми платите на своите членови и на другите државни функционери, вкупно 270, пишува „Индекс“.

На точката 15 од дневниот ред ќе има предлог за одлука за висината на основицата за пресметување на плата на државните функционери. Премиерот Андреј Пленковиќ ќе си ја зголеми платата за речиси 2.500 евра, колку што ќе се зголеми и платата на претседателот Зоран Милановиќ и претседателот на Собранието Гордан Јандроковиќ.

Поголеми суми на нивните сметки би требало да се уплаќаат веќе во август, со платата за јули.

Огромно зголемување

Основната плата ќе се зголеми на 947 евра бруто наместо 516 евра колку што беше претходно. Тоа е зголемување од 83 проценти.

Со тоа нето-износот на платите ќе се зголеми за повеќе од 60 отсто, а на највисоките државни функционери за 70 отсто.

Ова ќе бидат новите плати на највисоките владини функционери:

Зоран Милановиќ (претседател): 6.074 евра нето (стара плата 3.600 евра нето)
Андреј Пленковиќ (премиер): 5.535 евра нето (стара плата 3.263 евра нето)
Гордан Јандроковиќ (претседател на парламентот): 5.314 евра нето (стара плата 3.113 евра нето)
Марко Приморац (вицепремиер): 4.776 евра нето (стара плата 2.769 евра нето)
Дамир Хабијан (министер): 4.167 евра нето (стара плата 2.357 евра нето)
Секако, станува збор за нето износи, што значи дека за нивните плати ќе се издвојуваат значително повеќе од буџетот.

Платите на повеќето пратеници треба да се движат меѓу 3.500 и 4.000 евра нето.

Од Владата најавуваат дека зголемувањето на основицата е првиот чекор, а наесен ќе ги менуваат не само коефициентите туку и целиот систем за државни функционери. Засега не сакаат да кажат дали целта на овие измени е изедначување на платата на премиерот и претседателот, на кои во времето на Фрањо Туѓман и полупретседателскиот систем им беше вратен највисокиот коефициент.

Пленковиќ: Време е да бидеме соодветно платени

„Основите за функционерите, кои со години се непроменети, сега сме во состојба да ги подигнеме“, рече тој, а како причина за зголемувањето на неговата плата и на министрите го наведе зголемувањето на минималната плата, просечните плати, „одговорното управување со финансиите“, влез во еврозоната, Шенген…

„Сметаме дека по сите овие постигнувања, време е ова прашање да се стави на дневен ред. На почетокот на третиот мандат ситуацијата е таква што ниту еден министер не е на прво место по плата во нивните институции, туку некои се 450-ти по ред. Мислиме дека таквата состојба не е добра“, рече тој.

„Време е поадекватно вреднувана работа и оние кои се кандидираат, кои се назначени на политички функции. Ова е само првиот чекор, зголемувањето на базата, која ја повлекуваме на ниво на база за државните службеници, а министерот Хабијан и неговите колеги ќе работат на нова рамка за плати на функционерите бидејќи сметаме дека оваа работа треба да биде соодветно платена и во Хрватска“, рече Пленковиќ.

„Тоа е антикорупциска мерка“

Тој рече дека една од причините е да се привлечат луѓе да се занимаваат со политика, но и – борбата против корупцијата.

„Сметаме дека ова зголемување на платите е антикорупциска мерка. Откако обезбедивме голем економски раст, ги зголемивме минималните плати, време е да ги зголемиме платите на министрите“, рече Пленковиќ.

„Пред неколку дена се откажав од многу повисока плата, така што мојата плата не е многу висока во споредба со другите земји“, додаде Пленковиќ (алудирајќи на неговото откажување од некоја од европските функции).