Платите во пад и номинално и реално, во јуни помала за 1.163 денари во однос на мај
Во јуни годинава просечната нето-плата во Македонија изнесувала 48.381 денар, што е за 1.163 денари помалку од исплатената нето-плата во мај која изнесувала 49.544 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика објавени денеска. Тоа е номинално помалку за 2,3 отсто, а реално за 1,9 отсто.
На годишно ниво сликата е малку порозова, бидејќи, според податоците на ДЗС, просечната нето- плата била поголема за 6,4 отсто, во номинален износ, а реално, кога ќе се одземе стапката на инфлација, за скромни 2,9 проценти.
Слично е и кај исплатената бруто-плата која во јуни годинава изнесувала 72,785 денари и во однос на јуни 2025 година е повисока за 6,5 отсто номинално, а реално за три отсто. На месечно ниво (во однос на мај годинава, номинално е пониска за 2,3 отсто, а реално за 1,8 отсто.
Зголемување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен имало во секторите: Административни и помошни услужни дејности за 10,7 отсто, Земјоделство, шумарство и рибарство, Транспорт и складирање за 8,1 отсто и Преработувачка индустрија за 7,7 отсто.
Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 8,6 отсто, Уметност, забава и рекреација за 6,2 отсто и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 6,1 отсто.