Платформата за испорака на храна и малопродажба „Волт“ доаѓа во Македонија


„Волт“ (Wolt), иновативната технолошка компанија и платформа за локална испорака на храна и малопродажба, слави 10 години постоење и го најавува своето претстојно лансирање во Северна Македонија. Со оваа експанзија, Северна Македонија се приклучува на растечката мрежа на „Волт“, која покрива 28 земји и вработува над 12 000 луѓе.

Патувањето на „Волт“ започнува во 2014 година како мала стартап компанија со шест коосновачи, а денес е водечка платформа која поддржува економска активност од 19 милијарди евра на пазарите каде е присутна и дава значителен придонес во економиите на регионите во кои работи. Во изминатата деценија, „Волт“ соработуваше со повеќе од 150.000 трговци, обработувајќи 700 милиони нарачки. 

Интересно е тоа што најпопуларниот производ во сите 28 земји е хамбургерот, со вкупно 130 милиони нарачки. Достигнувањата на „Волт“ вклучуваат рекорди како достава што патувала 4.000 километри низ седум земји, од Грузија до Германија, како и најголемата поединечна нарачка од 8.559 евра за електронска опрема.

Надвор од својот основен модел за испорака, „Волт“ ги диверзифицираше своите услуги за да вклучи други важни производи, како лекови и електроника.

Како што се наведува во соопштението до медиумите, партнерите за испорака се привлечени од флексибилноста и дополнителните можности за заработка, со преку 450.000 поединци кои соработувале со „Волт“, колективно заработувајќи 3 милијарди евра.

Клиентите ја ценат брзата и достапна услуга на платформата за достава. Во текот на изминатата деценија, „Волт“ стана синоним за сигурна достава и се етаблира како клучен сојузник за локалните бизниси. За да го поддржи ова, „Волт“постојано развива технолошки алатки, кои се движат од локална логистика до малопродажни софтвери и финансиски решенија, а работи и со свои продавници за прехранбени производи под брендот „Волт маркет“ (Wolt Market), се наведува во соопштенито до медиумите.