Платата на бугарски министер е 4.850 евра, толкава ќе биде и на градоначалникот на Софија

Општинските советници во Софија четирикратно ќе си ги зголемат платите, а на градоначалникот Васил Терзиев зголемувањето ќе биде за три пати поголемо.
Ваков предлог доставија сите партии во софискиот општински совет, освен ГЕРБ и Преродба. Тие наведуваат дека причината за вакво огромно зголемување била тоа што платите не биле ажурирани од 2014 година и оттогаш инфлацијата значително се зголеми.
Предлогот е месечната плата на градоначалникот на Софија да биде еднаква на таа на министер. Ова е максимумот дозволен според Законот за локална самоуправа. Во моментов месечната плата на еден министер е околу 9.493 лева (4.850 евра), известија за бугарски „Дневник“ од владата. Толку треба да добие и Васил Терзиев од 1 април, доколку предлогот биде прифатен на седницата на градскиот општински совет на 28 март. Сега таа е 2.900 лева и Терзиев ги донира во хуманитарни цели. Новите плати на замениците на општината и на 24-те регионални градоначалници во софиската област ќе бидат 7.592 лева, што е 80% од новата плата на градоначалникот на општината.
Врз основа на градоначалничката плата се формира и платата на претседавачот со советот која треба да биде 8.541 лева (4.370 евра), а секој од 61 општински советник ќе добие по 5.978 лева (3.056 евра). Досега примаа основен надоместок од околу 1.500 лева.