План на Пентагон: Сите војници мора да бидат вакцинирани


Условот да се биде во армиска служба ќе почне да важи од средината на септември, објави секретарот за одбрана Лојд Остин

 

Од припадниците на американската војска ќе се бара да имаат примено вакцина за Ковид-19 почнувајќи од 15 септември, според планот објавен од Пентагон во понеделникот и одобрен од претседателот Џо Бајден.

Тој рок може да се помести доколку вакцината добие конечно одобрување од ФДА или стапката на инфекција продолжи да расте.

„Ќе барам одобрение од претседателот да ги направи вакцините задолжителни најдоцна до средината на септември, или веднаш по лиценцирање од Администрацијата за храна и лекови“, вели во меморандумот до војниците, секретарот за одбрана, Лојд Остин, предупредувајќи ги да се подготват за условот.

Тој додаде дека ако стапките на инфекција се зголемат и потенцијално влијаат на воената подготвеност, „нема да се двоумам да дејствувам порано или да му препорачам поинаков курс на претседателот, доколку чувствувам потреба да го сторам тоа. За да ја одбраниме оваа нација, потребна ни е здрава и подготвена сила“.

Во изјавата од понеделникот, Бајден рече дека тој силно ја поддржува „пораката на Остин до силите денес за планот на Министерството за одбрана да ја додаде вакцината за Ковид-19 на листата на потребни вакцини за нашите членови на службата не подоцна од средината на септември“.

Бајден рече дека „вакцинирањето ќе им овозможи на нашите припадници на службата да останат здрави, подобро да ги заштитат своите семејства и да се осигураат дека нашата сила е подготвена да дејствува насекаде во светот“.

Војниците често живеат и работат заедно во касарна и на бродови, зголемувајќи ги ризиците од брзо ширење. И секоја голема епидемија на вирусот во војската може да влијае на способноста на Америка да се брани во секоја национална безбедносна криза.

Според Пентагон, повеќе од 1 милион војници се целосно вакцинирани, а уште 237.000 добиле една доза. Но, воените служби се многу различни во стапката на вакцинација. (АП)