Пивофест во Скопје, вечерва настапуваат: „Дубиоза колектив“, Горан Трајковски и Кирил Џајковски


Од вечерва па се до 15. септември на стадионот на АРМ во Градски парк ќе се одржи „Skopje Beer Fest“ – за првпат во организација на „Пасворд продукција“ и Град Скопје со четиридневна програма, многу пиво и бесплатен влез за време на целиот фестивал.

Атрактивната програма на овогодишното издание е целосно комплетирана и се очекува со ова издание Скопје конечно да добие респектабилна пиво манифестација.

Вечерва на првата фестивалска ноќ ќе настапи врвниот уметник на македонската музичка сцена Кирил Џајковски и миленичката на публиката TK Wonder и вокалистот Lion D, а посетители ќе уживаат и во настапот на едни од најголемите и најдобрите изведувачи во живо, „Дубиоза Колектив“ од Босна и Херцеговина. Како и еден од најголемите македонски автори Горан Трајкоски, аудиовизуелниот спектакл на диџеј дуото „Diskobajagi“ и стонер-рок бендот „Палиндром“.

На петок 13. септември ќе го разбиваме малерот со настапот на Д-р Неле Карајлиќ, легендата на „Топ листа надреалиста“ и „Забрањено пушење“, а за првпат пред скопската публика и хип-хоп дуото од Црна Гора „Who See“. Љубителите на пиво и музика ќе имаат можност да ги ја видат и ултра популарна и провокативна трап банда „MVR SVR“ (Bon Praskiza, Prince$$ Donatsu, Donplaya), најпознатиот реге бенд кај нас „Conquering Lion“ и нивните сограѓани „Këpurdhat“, чија музика знае да приреди уникатни доживувања.

Третата фестивалска вечер, 14. септември ќе ја отвори виртуозот на трубата – маестрото Џамбо Агушев со неговиот оркестар, а присутните нема да останат рамнодушни ниту на хитовите на мега популарниот српски бенд S.A.R.S. Пионерите на македонската рап-култура Чиста Околина, после долги години ќе настапат во живо со цел бенд на овогодишниот пивофест во Скопје. За 8-ми Септември го испромовираа и новиот сингл „Чиста пропаганда“, снимен заедно со најдобриот алтернативен македонски бенд „Bernays Propaganda“. На сцената ќе застанат и амбициозните и секогаш позитивните „ZeeBomb“ и предводниците на битолската рок панк сцена „Паркети“.

Култната македонска рап-групација, „Чиста Околина“, заедно со „Bernays Propaganda“ oбјавиja нова песна, насловена „Чиста пропаганда“.
Последната фестивалска вечер, 15. септември, ќе настапи најпровокативниот и култниот рокенрол бенд „Let 3“, џипси-ска бендот „Baildsa“, а фестивалот ќе го затвори српскиот рок-бенд „Ван Гог“ со старите хитови и промоција на новиот албум „Море без обале“.

„Годинешново издание на пивофест е во организација на Град Скопје и „Пасворд продукција“ и самиот фестивалски концепт има за цел да ги промовира македонските и интернационалните брендови на пиво, да ја зајакне пивската култура во Македонија и да создаде пивски-бренд фестивал на локално и регионално ниво. Освен тоа фестивалот ја отвора можност за зголемена продажба и промоција на сите пивски брендови во Македонија, како и промоција на Скопје како град на љубителите на пивото. Фестивалот се приклучува на кампањата „Не пиј додека возиш“ со цел да ја издигне свеста на луѓето дека сo непочитување на прописите и возење под дејство на алкохол го загрозуваат сопствениот живот и ги доведуваат во опасност животите на останатите учесници во сообраќајот“, соопштуваат организаторите.

Поради фестивалот, улиците околу Стадионот на АРМ и Градскиот парк ќе има забрана и ограничување на сообраќајот.