Петмина повредени во сообраќајката кај Гостивар пренесени на скопските клиники, сообраќајот на патот Гостивар – Кичево нормализиран

Пет лица повредени во сообраќајката што се случи попладнево на магистралниот пат Гостивар – Кичево, се пренесени на скопските клиники, а едно е задржано во Болницата во Гостивар. Сите се надвор од животна опасност. Сообраќајот кој беше во прекин заради увид, од 18:30 часот е нормализирам и се одвива во двата правци без застој, информира портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
Тој потврди дека во сè уште непознати околности, попладнево дошло до сообраќајна незгода во која учествувале четири мотоцикли и четири патнички возила.
-Повредените не се во животозагрозувачка состојба, но заради карактерот на повредите со амбулантни возила се испратени на лекување на скопските клиники, изјави портпаролот Реџепи.
Од 16 часот сообраќајот на магистралниот пат Гостивар – Кичево заради сообраќајката беше во прекин, а возилата се пренасочуваа по споредните локални патишта.