Петмина од осудените за 27 април барале прекин на затворските казни поради болест


Фото. Б. Грданоски
Од десетина лица осудени за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, кои во јули-август користеа 30 дневен отпуст поради здравствени причини, петмина побарале судски прекин на издржување на казните. Тројца од нив добиле прекин во траење од еден месец. Овие одлуки го отвораат прашањето дали се подготвува терен  да излезат од затвор пред да ги отслужат казните и на кој начин тоа ќе се изведе, откако и владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, во кампањата пред изборите во мај употребуваа реторика дека обвинетите за 27 април не се терористи и дека треба да има правда за нив.
 

Во затвор се 16 лица, правосилно осудени на казни од 7 до 16 години затвор за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Највисока казна од 16 години доби Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност(БЈБ), кој тогаш имаше „златна команда“ за протестите пред Собранието.

Александар Пандов, директор на Управата за извршување санкции,кон крајот на јули потпиша решенија за 30-дневен прекин на казната за дел од лицата осудени за 27 април, поради лекување.

„Јас потпишав над десет одобренија, не само за тие, туку и за други лица. Повеќе од половина од нив добија судски прекини на месец, два, некои и на три месеци. Секое едно барање што дојде беше поради акутен здравствен проблем – кој со кичма, кој со колено, кој со срце…Дел од тие луѓе имаат сериозно нарушено здравје поради престојот во притворското одделение во Шутка и нечовечките услови таму“, изјави Пандов.

Од Кривичниот суд потврдија дека пет лица, осудени за настаните од 27 април, побарале од судот прекин на казната. Судот на тројца им дозволил прекин од по еден месец. За еден осуденик решението е во фаза на изготвување, а едно од барањата е одбиено заради некомплетна документација.

Од затворот во Штип, пак, велат дека прекин во отслужување на казната поради медицински причини, добиле шест лица. Двајца од нив, Александар Јаневски – Тошта и Јане Ченто им завршил прекинот и на 14 август се вратиле во затворот.Со судско решение прекинот во издржување на казната им е продолжен на Митко Чавков (до 21 ноември), на Митко Пешов (до 16 ноември), на Оливер Поповски (до 22 септември) и на Душко Лазаров (до 25 септември).

Пандов очекува дека проблемот на осудените за 27 април „ќе се реши“ во септември – октомври.

„Тие се осудени за тероризам и првично третманот кон нив бил таков, како кон терористи. Ако навистина биле терористи, како им било дозволувано да излегуваат на викенди? Нивниот проблем јас го доживувам и како проблем на државата и таа несреќна епизода ќе заврши“, вели Пандов.

Иако засега не се знае како „ќе се реши проблемот“ за осудените од 27 април, една од варијантите што се споменува во круговите на ВМРО-ДПМНЕ е дека се појавиле докази за лажно сведочење во текот на судската постапка. Според правниците, има три варијанти за тоа како осудените за „крвавиот четврток“ можат порано да излезат од затвор. Тоа се евентуални нови докази, иницијатива на државното обвинителство преку правниот лек „заштита на законитост“ или помилување од претседателката Сиљановска Давкова.Досега до Кривичниот суд не пристигнало барање за повторување на постапката.Помилување како опција не сакале да прифатат дел од осудените, со образложение дека сакале да докажат дека се во право, а не да им остане „дамка“ во животот дека се терористи.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во февруари 2023 поднесе Предлог закон за амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година. Мнозинството не го прифати предлогот.

На социјалните мрежи пред неколку дена излезе фотографија на која се гледа како директорот на Управата за извршување на санкции,Александар Пандов наздравува со поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков осуден на 16 години затвор за упадот во Собрание,Фотографијата е објавена по повеќе од еден месец откако Управата за извршување на санкции на Чавков и уште неколумнина осудени за „крвавиот четврток“ им издаде прекин на затворската казна од 30 дена врз основа на доставена медицинска документација.

Пандов, во изјава за „Фокус“ тврди дека фотографијата била направена во 2017 година и не гледа судир на интереси со оглед на тоа што прекинот на казната, Чавков и дел од другите осудени го добија откако тој беше назначен за директор.